Свет Европски парламент

Обраќање на Фон дер Лајен за „Состојбата на ЕУ“ пред европратениците

Се очекува Фон дер Лајен во обраќањето да се осврне на резултатите од работата на Комисијата од стартот на мандатот во декември минатата година и за нејзините планови и приоритети за следната година.  

Обраќање на Фон дер Лајен за „Состојбата на ЕУ“ пред европратениците

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Стразбур ќе го одржи редовното годишно обраќање пред Европскиот парламент познато како за „Состојбата на Европската Унија“.

Тоа ќе биде петти говор на Фон дер Лајен за „Состојбата во Унијата“ пред европратеници, а прв во нејзиниот втор мандат, што ја прави претседател на Европската комисија со најмногу вакви обраќања во ЕП.

Се очекува Фон дер Лајен во обраќањето да се осврне на резултатите од работата на Комисијата од стартот на мандатот во декември минатата година и за нејзините планови и приоритети за следната година.

– Оваа година, работевме напорно за да ја зајакнеме нашата одбранбена позиција и да ги поттикнеме нашиот раст и иновации и да создадеме работни места. Од ветување до напредок, Европа испорачува за своите граѓани, порача Фон дер Лајен во пресрет на обраќањето.

По обраќањето, ќе следи дебата на европратениците за оценка за работата и стратегијата на Комисијата и за она на што, според нив, таа треба првенствено да се посвети.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА, изјави дека очекува обраќањето на Фон дер Лајен да не биде само список на божиќни желби, туку да содржи конкретни заложби во услови на денешниот многу предизвикувачки свет.

– Tоа не е само годишен преглед, голем список на божиќни желби. Како избрани претставници, мора да одговориме на многу јасните и основни прашања што нашите граѓани ни ги поставија минатата година кога гласаа за нас. Нашите граѓани сакаат поедноставни правила, сакаат покрив над главата, сакаат безбедност и сакаат чесност, изјави Мецола.

Обраќањето за „Состојбата на Европската Унија“ е инспирирано од слична долгогодишна традиција на обраќање на претседателот на САД пред американскиот Конгрес познато како за „Состојбата на Унијата“. Првото годишното обраќање на еден претседател на Европската комисија за „Состојбата на ЕУ“ пред Европскиот парламент се одржа во 2010 година. (МИА)

To top