Британската полиција денеска уапси десетици демонстранти на протест во Лондон во поддршка на забранетата пропалестинска организација „Дејствувај за Палестина“, повикувајќи се на законите за борба против тероризмот.
Велика Британија во јули ја прогласи „Дејствувај за Палестина“ за терористичка организација, откако нејзини членови влегоа во база на Кралското воено воздухопловство и оштетија воени авиони. Групата ги обвинува британските власти за соучесништво во, како што тврди, воените злосторства на Израел во Газа.
Полицијата во последните недели уапси стотици поддржувачи на организацијата, меѓу кои повеќе од 500 лица во еден ден минатиот месец, од кои многумина биле на возраст над 60 години.
Денеска стотици демонстранти се собраа кај зградата на Парламентот во центарот на Лондон за да протестираат против забраната. Многумина носеа плакати со натпис: „Се спротивставувам на геноцидот. Ја поддржувам ‘Дејствувај за Палестина’“.
Лондонската полиција соопшти дека почнала да ги апси лицата кои јавно изразувале поддршка за забранетата организација, без да прецизира бројка.
Забраната ја става организацијата во иста категорија со терористички групи како „Ал Каеда“ и „Исламска држава“, со што поддршката или членството стануваат кривично дело казниво со затвор до 14 години.