Свет Обединети нации

88 поштенски оператори ја стопираа испораката кон САД поради новите царински мерки

Вкупно 88 поштенски оператори целосно или делумно ги прекинаа поштенските услуги кон САД, што предизвика пад на поштенскиот сообраќај кон таа земја за повеќе од 80 отсто, соопшти денеска Поштенската агенција на Обединетите нации.

88 поштенски оператори ја стопираа испораката кон САД поради новите царински мерки

Вкупно 88 поштенски оператори целосно или делумно ги прекинаа поштенските услуги кон САД, што предизвика пад на поштенскиот сообраќај кон таа земја за повеќе од 80 отсто, соопшти денеска Поштенската агенција на Обединетите нации.

Светската поштенска унија (UPU) соопшти дека работи на „брз развој на ново техничко решение што ќе овозможи продолжување на доставата на пошта во САД“, изјави генералниот директор на агенцијата Масахико Метоки.

Според податоците на UPU, сообраќајот кон САД на 29 август бил намален за 81 отсто во однос на истиот ден претходната недела.

„Покрај тоа, 88 поштенски оператори ја известија Светската поштенска унија дека ги прекинале сите или дел од своите услуги кон САД сè додека не се пронајде решение“, наведоа од агенцијата.

Меѓу нив се германскиот Дојче Пост и британскиот Ројал Меил.

UPU, чијашто централа е во Берн, главниот град на Швајцарија, е основана во 1874 година и има 192 земји членки. Таа ги поставува правилата за меѓународна поштенска размена и дава препораки за подобрување на услугите.

Според извршната наредба на американската администрација од 30 јули, која стапи во сила на 29 август, укинато е изземањето од царина за мали поштенски пакети (пратки со вредност до 800 долари или 686 евра).

Оттогаш, овие пратки подлежат на истите царински стапки како и друг увоз – на пример, 15 отсто за земјите од Европската Унија и 50 отсто за Индија. Единствено пратките меѓу поединци со вредност под 100 долари (86 евра) остануваат ослободени од царина.

Главниот проблем, според UPU, е што декретот наложува превозниците и другите овластени страни однапред да наплаќаат царини од испраќачите и потоа да ги пренесат консолидираните суми до Американската царинска и гранична служба.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја оправда мерката со целта да се „затвори катастрофалната дупка во законот, која се користи за избегнување царини и испорака на синтетички опиоиди и други опасни производи“.

Првично, во почетокот на 2025 година, мерката се применуваше само на Кина и Хонг Конг, како дел од акцијата на администрацијата на Трамп против големите платформи за е-трговија Шеин и Тему. Подоцна беше проширена на сите земји со образложение дека така ќе биде поефикасна.

To top