Кина денеска соопшти дека „цврсто ќе се спротивстави“ на секој вид притисок, откако вчера американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Европа да изврши економски притисок врз Пекинг.
Трамп во вчерашниот телефонски разговор со лидерите од Коалицијата на подготвените, според неименуван извор, побарал од европските држави да извршат економски притисок врз Кина поради нејзината поддршка за Москва и да не купуваат руска нафта, бидејќи тоа помага во финансирањето на војната во Украина.
– Кина не е причина за таа криза, ниту е страна во неа. Цврсто се спротивставуваме на овој тренд на споменување на Кина за сè и цврсто се спротивставуваме на така наречениот економски притисок, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.
Кина никогаш не ја осуди руската инвазија врз Украина и се претставува како неутрална страна и потенцијален посредник во конфликтот. Пекинг редовно е обвинуван од Западот дека ѝ помага на Русија да ги заобиколи западните санкции, особено со тоа што ѝ дозволува да се стекне со технолошки компоненти потребни за производство на оружје.