Лидерот на франкофонската центристичка партија Посветените (ЛЕ), Иван Веругстрат синоќа предложи создавање нова владина коалиција во Регионот на Брисел, што би можело да доведе излез од ќорсокакот во формирањето бриселска Регионална влада 15 месеци по изборите одржани на почетокот на јуни минатата година.
Според предлогот на Веругстрат, кој тој го нарече „креативно решение“, новата владина коалиција би ја сочинувале седум партии од целиот политички спектар, со исклучок на десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) на белгискиот премиер Барт де Вевер и екстремно левичарската Работничка партија на Белгија (ПДВА/ПТБ).
Новата Влада на Брисел врз основа на ваквиот предлог би ја формирале три франкофонски (валонски) и четири холандофонски (фламански) партии. Од валонските редови во предложената Влада би требало да влезат Посветените (ЛЕ), либералното Реформско движење (МР) и лево центристичката Социјалистичка партија (ПС), а од фламанските – Зелените, Отворените Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД), социјалдемократската партија Напред (Вуројт) и десно центристичката Христијански демократи и Фламанци (ЦДВ).
Веругстрат, кој беше именуван како „олеснувач“ во најновиот обид за обезбедување мнозинство во Регионалниот парламент на Брисел, порача дека состојбата е итна и дека партиите мора да бидат подготвени да ги остават настрана своите разлики за доброто на главниот град на Белгија.
Долгот на Бриселскиот Регион достигна 15,5 милијарди евра, во услови кога поради немање функционална Влада не беше усвоен нов буџет со кој би се стабилизирале регионалните финансии. Поради ова во јуни беше намален кредитниот рејтинг на Брисел, што дополнително ги зголеми трошоците за сервисирање на долгот.
Според Вергустрат, од сите можни опции за формирање владино мнозинство само изнесениот „прагматичен креативен предлог“ изгледа одржлив.
– Убеден сум дека меѓу партиите постои доволна заедничка основа за да се обединат во интерес на почист, поздрав и побезбеден Брисел, рече Вергустарт.
Тој истакна дека врз основа на ваквиот предлог мандатарот Давид Листер од МР би можел да започне разговори за усогласување на владината програма за работа.
– Мојата работа завршува тука, изјави Вергустарт, додавајќи дека ако неговиот предлог биде одбиен, останатите партии може слободно да предложат алтернативни решенија.