Пакистан евакуираше најмалку 150.000 лица во областите покрај трите реки во земјоделскиот дел од земјата поради закана од поплави откако соседна Индија предупреди дека планира да испушти вишок вода од една своја брана, соопштија денеска официјални лица.
Индија и Пакистан беа погодени од интензивни дождови и поплави во последните недели.
Ослободувањето на вишокот вода се заканува дополнително да поплави делови од пакистанската покраина Пенџаб, која служи како житница на земјата и претставува голем дел од нејзиното снабдување со храна.
Нуклеарно вооружените земји се во напната пат позиција од краткиот конфликт во мај, нивните најлоши борби во последниве децении, а секое поплавување за кое се обвинува Њу Делхи би можело да ги влоши односите.
Пакистански официјални лица вчера изјавија дека добиле изненадувачко предупредување од Индија дека има намера да испушти вода од браната Мадхопур, на нејзина страна од покраината Пенџаб.
Индија рутински испушта вода од браните кога резервоарите се прелеваат, а вишокот тече во Пакистан.
Индиски владин извор изјави дека не споменале конкретна брана, но интензивните дождови ги натерале да споделат второ предупредување со Пакистан преку дипломатски канали.
Трите реки: Рави, Сутлеџ и Ченаб, се влеваат во Пакистан од индиска територија. Овие реки се соочуваат со умерени до силни поплави, соопшти денеска Националниот орган за управување со катастрофи на Пакистан.
Веќе се евакуирани стотици села лоцирани на бреговите на трите реки.