Израелскиот амбасадор во Берлин, Рон Просор, изјави дека одлуката на Германија за делумно запирање на извозот на оружје за Израел претставува тежок удар за односите меѓу двете земји, пренесе ДПА.
Врските не се целосно прекинати, но се под силен притисок, рече Просор во интервју за телевизијата „Велт“.
– Наместо да се разговара за разоружување на палестинската група „Хамас“, се зборува за разоружување на Израел. – Ова е празник за Хамас, изјави израелскиот амбасадор во Берлин.
Просор призна дека стратегијата на Израел може да биде предмет на дебата. Но, ако одговорот е „да се остави земјата без одбрана, без оружје“, тоа би значело „Израел да остане незаштитен“.
Канцеларот Фридрих Мерц минатата недела објави дека Германија повеќе нема да извезува оружје за Израел што би можело да се користи во Појасот Газа. Тој ја оправда одлуката со плановите на Израел да ги прошири воените операции на палестинска територија, особено со преземање контрола над градот Газа. Мерц нагласи дека паузата не се однесува на опремата за самоодбрана на Израел, како што се системите за противвоздушна и поморска одбрана.