Минхен ќе стане нов центар на ракометот во Германија и тоа преку потенцијалното учество на еден од најголемите спортски брендови – фудбалскиот клуб Баерн Минхен.
Во пресрет на Суперкупот на Германија кој ќе се одржи на 23 август во Минхен, спортскиот директор на шампионот Фуксе Берлин, Стефан Кречмар, изјави дека ракометот би имал голема корист доколку Баерн одлучи да инвестира во овој спорт.
„Ако некој во Баерн развие страст кон ракометот, тоа би било огромна добивка за нашиот спорт. Не е дека никогаш не сме се обиделе да ја отвориме оваа тема. Тоа е клуб што знае како да започне ваков проект“, изјави Кречмар.
Тренерот на европскиот шампион Магдебург, Бенет Вигерт, исто така ја поддржува идејата.
„Секако дека би поддржале ваков проект и мислам дека ќе биде добредојден за уште посилен германски ракомет. Баерн точно знае што прави, тоа не е клуб кој се впушта во непроверени авантури“, рече Вигерт.