Русија го поздрави мировниот договор меѓу Азербејџан и Ерменија постигнат со посредство на САД, но предупреди дека странското мешање може да ја комплицира ситуацијата во Јужен Кавказ, пренесуваат светските агенции.
Договорот, потпишан вчера за време на состанокот меѓу претседателите на Ерменија и Азербејџан, Никол Пашинјан и Илхам Алиев, во Вашингтон во присуство на нивниот американски колега, Доналд Трамп, вклучува ексклузивни права за САД да развијат транспортен коридор низ Ерменија што го поврзува Азербејџан со неговата енклава Нахичеван, која граничи со Турција.
-Москва позитивно ја оценува средбата, надевајќи се дека таа ќе помогне во воспоставувањето мир, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Русија постојано ги поддржува сите напори кои водат кон решавање на клучните прашања од регионалната безбедност. Во тој контекст, позитивно ја оценуваме средбата на лидерите на земјите од Јужен Кавказ во Вашингтон, со посредство на американската страна. Се надеваме дека овој чекор ќе придонесе за унапредување на мировната агенда“, наведе Захарова во соопштение објавено на официјалната веб-страница на Министерството.
Таа нагласи дека најдоброто решение за проблемите во Јужен Кавказ лежи во иницијативите кои доаѓаат од самиот регион, со поддршка на соседите, Русија, Иран и Турција.