Македонија Интервјуа интервју

Човекот чија девиза е „ред, работа и дисциплина“ во градоначалничка трка за Карпош – интервју со Сотир Лукровски

Ќе работиме заедно со граѓаните. Што би постоеле ние доколку не ги испочитуваме гласот и потребите на граѓаните? Сакам да бидам достапен, јас сум човек теренец, таква е и во принцип мојата работа. Не сум бирократ. Се надевам дека добро ќе ја организираме администрацијата во општината, денот ќе го поминувам меѓу луѓето на теренот, од кај што доаѓаат сите информации и потреби на граѓаните.

Човекот чија девиза е „ред, работа и дисциплина“ во градоначалничка трка за Карпош – интервју со Сотир Лукровски

По 52 години живот во Карпош и 30 години работно искуство, Сотир Лукровски влегува во изборна трка со цел да се стави во служба на општината која ја нарекува негов дом. Тој е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карпош. Го прашавме што значи за него овој предизвик!

-Не можам да кажам дека е едноставен предизвикот. Размислував еден период, но не сакав да останам инфериорен, да ја пропуштам шансата која ми се укажува. Јас сум од оние луѓе кои сакаат да дадат свој печат во околината каде што живеат. Долги години сум тука, имам над 30 години стаж во разни компании. Сметам дека сум во една доба од животот кога сум доволно искусен и семејно среден да можам да се посветам на една општествена работа која е огромен предизвик. Од мали нозе имам истакната емпатија, сакам да им помагам на луѓето, на моето опкружување, на моето семејство. Се работи за моите деца, за децата на нашите пријатели, да пробаме да направиме една посредена средина за сите нас, рече Лукровски.

Во бизнис секторот важи за вреден работник, добар соработник. Во политичките кругови досега не беше позната фигура. Ако во куси црти треба да им се претстави на оние кои не го познаваат, еве што одговори на прашањето: Кој е Сотир Лукровски?

-Моите соработници многу добро ме познаваат. Мојата девиза се состои во девиза ред, работа и дисциплина. Во сите сегменти каде и да сум работел во последните 27-28 години мои соработници се здравствените работници. Секојдневно имам средби со дел од нив, добивам поддршка во кое маало и да се појавам, без разлика какви се нивните размислувања од аспект на политики и така натаму. Препознаваат во мене човек кој на едно локално ниво ќе ја среди ситуацијата. И оние кои не ме познаваат, на моите секојдневни средби бидејќи постојано сум на терен, веќе ме препознаваат, ми приоѓаат. Сè почесто ми се случува на улица да пријдат со својот проблем и сметам дека ќе успеам да ја покажам довербата, да го добијам нивниот глас, да направиме нешто добро за сите, посочи тој.

Приоритет ќе му биде решавањето на основните проблеми кои ги имаат граѓаните. Како граѓанин на Карпош ни одговори што најмногу ѝ недостасува на општината, а претходните градоначалници не го реализирале.

-Евидентно е. Од нашето секојдневно живеење, од утрина кога ќе излеземе од врата со што се соочуваме. Проблем со паркинг. Ние сме во близина на Сити Мол. Во деновите кога е дождливо или за викендите, не можеме да најдеме паркинг пред нашите згради. Втора работа со која се соочуваме, при одложување на сметот се преполните контејнери. Не е само доволно да се собере сметот, паметиме кога имаше цистерни, па со шмркови се чистеше делот околу контејнерите. Третата работа која ја сметам за најзагрижувачка е одржувањето на парковите. Во Карпош 4 концепциски се најубавите детски паркови и игралишта, но за жал во последниве години се во слаба кондиција. Тоа се топ 3 проблеми со кои ќе треба да се зафатиме во прво време од преземањето на општината, истакна Лукровски.

Постојано e на средби со сограѓаните, во речиси секое населено место во Карпош иако кампањата за изборите официјално не е започната. Со соседите од општината се сретнува во пријателска атмосфера. Со нов споделува идеи, предлози и искуства. Во предизборната програма ќе понуди решенија за проблемите со кои се соочуваат неговите сограѓани. Предлозите на жителите на Карпош ќе бидат дел од неговата предизборна програма.

-По објавување дека јас сум кандидат, започнавме средби со граѓаните. Бевме во една дилема дали е моментот затоа што сепак е во ек летната сезона, луѓето одат на одмор. Карпош е една урбана средина. Тргнавме и сум изненаден од посетеноста. Имаме голем број на граѓани кои ни се приклучуваат и сум изненаден. Сретнувам луѓе од мојата младост, поранешни колеги, соученици. Ми е драго и ми даваат мотив, поддршка. Ги слушаме нивните барања, нивните проблеми. Пред сè би рекол дека се соочуваат со комунални проблеми. Паркингот, водоводна мрежа, недостаток на вода во повисоките делови на Карпош, тоа се нивните проблеми. Ги евидентираме, имаме луѓе кои сето тоа го запишуваат, имаме социјални мрежи, достапни сме секаде… Ги сублимираме предлозите, ги класифицираме по области. Ќе работиме заедно со граѓаните. Што би постоеле ние доколку не ги испочитуваме гласот и потребите на граѓаните? Сакам да бидам достапен, јас сум човек теренец, таква е и во принцип мојата работа. Не сум бирократ. Се надевам дека добро ќе ја организираме администрацијата во општината, денот ќе го поминувам меѓу луѓето на теренот, од кај што доаѓаат сите информации и потреби на граѓаните, рече кандидатот за градоначалник.

Не е познато колкумина ќе влезат во трка да станат градоначалник на Карпош, но Лукровски со апел до карпошани зошто тој го заслужува нивниот глас на претстојните локални избори.

-Сметам дека ова е еден широк граѓански концепт. Она што ние го нудиме е човек кој досега не работел во јавна администрација, не се занимавал со јавна функција, целиот свој живот го поминал во реалниот сектор. Се надевам дека ќе ме препознаат и ќе ме одберат со шанса тоа искуство да го префрлиме и во јавните установи, посочи Лукровски.

To top