Свет

САД во 2023: Брутални војни, природни катастрофи и U2 во Лас Вегас

САД во 2023: Брутални војни, природни катастрофи и U2 во Лас Вегас

 

Споредните настани извршија голем ефект врз општеството, економијата, безбедноста и разбирањето за климатските промени, а терминот „катастрофална имплозија“ и познатиот назив Титаник, ги залепи Американците за ТВ екраните каде речиси во живо се пренесуваше потрагата по загубената мала подморница.

И сето тоа се случуваше само во првата половина на годината. Уште многу важни настани следуваа во втората – успеси во вселенските летови, неможноста на Американци со просечна плата да си купат куќа, и уште нешто поврзано со архитектурата – сферата во Лас Вегас.

Претседателски избори

Тркалото на кампањата за претседателските избори закажани за во ноември 2024 се расклати на почетокот на годината. Трката станува жешка иако до американскиот државен празник Ден на изборите (Election Day), остануваат уште цели десет месеци. Има повеќе републикански противкандидати, како гувернерот на Флорда Рон Десантис или поранешната амбасадорка во ОН, Ники Хејли, но ниту еден не може да се мери со рејтингот на експретседателот Доналд Трамп.

Главните претенденти се актуелниот претседател Џо Бајден и неговиот противкандидат од 2020 година и претходник Трамп. Наголемо се дискутираше за возраста на Бајден, дали тој е здравствено и психолошки подобен да издржи уште еден мандат во свет втурнат во геополитички конфликти, немири и војни, и улогата на САД, првата суперсила и предводник на развиениот Запад, во решавањето на оваа светска криза.

Трамп пак се соочува со повеќе административни и парнички пречки што ја загрозуваат неговата номинација и кои што треба да ги решаваат државните судови и Врховниот суд на САД.

Факт дека кој и да извојува победа во ноември 2024 година, Трамп или Бајден, и двајцата ќе бидат над 80 годишна возраст – на крајот од своето претседателство Бајден ќе доживее 86 години, а Трамп 82.

Украина и Израел

Војната што рускиот претседател Владимир Путин ја започна против својот сосед, не беше во полза на Украина. За разлика од 2022 година, кога украинската армија си врати огромни делови територија во источна Украина заземена од Русите, и ја протера армијата на Путин од Киев, украинскиот претседател Володомир Зеленски немаше таков успех годинава. Тоа значи дека ова беше лошо и за НАТО, ЕУ и САД, што со десетици милијарди долари ја помагаат финансиски Украина и нејзината економија во напорите за воено предимство над армијата и платениците на Москва.

Се очекуваше Украина да изврши пробив коридор во областа Запорожје речиси целата заземена од Русите, отсекувајќи го јужниот дел и Крим од останатиот копнен дел каде руската војска се распореди уште од лани летоска. Комбинација од американска меѓупартиска политика и бавната испорака на европско оружје создаде услови Русија да се подготви и да го изгради најголемото одбранбено поле во историјата на војувањето – со стотина километри на мински полиња што се покажа дека се непроодни за украинската армија. Германија и Велика Британија испорачаа тенкови и воена машинерија, но САД сепак, иако ветуваа тоа сè уште не го сторија со моќните тенкови „Абрамс“. Успорена е и процедурата за одобрување новите пакети помош за 2024 година, и од САД, поради блокадата од републиканците и од ЕУ, поради ветото на Унгарија.

Војната на Израел против Хамас го разбранува американското општество. Поради бруталноста како на палестинските радикали кои на 7 октомври упаднаа во Израел од Газа, убија околу 1.200 Израелци и киднапираа стотици останати, и жестокиот одговор на израелските сили за одбрана во одмазда. Срамнет е со земја речиси целиот густо населен и урбанизиран појас Газа. Израел се заложи да ја искорени терористичката мрежа од тунели. Во процес, загинаа најмалку десетина илјади цивили, голем дел од нив користени како жив штит од страна на милитантните палестински групи.

Ова предизвика пропалестински протести во САД, некои од најактивните во американските колеџи како Харвард или Пен стејт, за што од Конгресот беа обвинет за ширење на антисемитизам. Многумина од конгресмените, како Чак Шумер, демократ и лидер на мнозинството во Сенатот, се со еврејско потекло.

Катастрофи, банкротства и балон

Останатите „споредни“ главни настани што се случија во САД во селекција на „Ју-ес-еј Тудеј“ (USA Today) се следните:

Јануари беше катастрофален месец за Калифорнија поради обилните тропски врнежи од Тихиот Океан што предизвикаа големи поплави и лизгање на земјиштето со десетици загинати.

Во февруари, јавноста беше непријатно изненадена од појавата на неидентификуван летечки објект што подоцна се дозна дека е кинески шпионски балон. Балонот, кој незабележано влегол во воздушниот простор на САД некаде кај северозападниот дел на границата со Канада, и помина по речиси целата должина на САД, со денови потоа беше урнат со ракета од американски ловец над брегот на Јужна Каролина. Републиканците ја обвинија администрацијата за немарливост по безбедноста на САД.

Во март се случи колапсот на Банката на Силиконска долина, што предизвика краткотраен шок за економијата но тоа беше брзо санирано со владина поддршка на другите ранливи банки.

Крунисувањето на кралот Чарлс трети во Велика Британија во мај беше еден од најгледаните масовни настани во САД.

Слично на тоа но во негативна смисла беше потрагата по малата туристичка подморница Титан пренесена во живо што ја следеше голем дел од Американците. Подморницата исчезна по заминувањето на разгледување на бродоломот на Титаник на дното на Северниот Атлантски Океан. Подоцна беа откриени делови од пловилото што се распаднало после стравотна имплозија, по што се дозна и за трагичната судбина на екипажот.

Во август се случи стравотниот пожар на Мауи, остров на Хаваите при што загинаа околу стотина лица. Островот е популарно туристичка дестинација и дел од историјата на домородното население. Пожарот беше предизвикан од краток спој во електричната мрежа но брзо разгорен од комбинација на ветриштата на ураганот Дора и високиот атмосферски притисок од север.

Овој и останатите природни катастрофи поставија рекорд според бројноста, јави Националната администрација за океани и атмосфера (НОАА) – заклучно декември во САД во 2023 година се случиле 25 временски непогоди и катастрофи како обилни врнежи со поплави, торнада и град, со што биле предизвикани рекордни штети во висина од една милијарда долари. Најмногу од 1980 година од кога НОАА врши евиденција.

Економија и забава

Во меѓувреме, Федералните резерви, американската Централна банка, цела година водеше војна со инфлацијата со покачување на каматните стапки. Тоа беше добро за цените во продавниците но лошо за станбените кредити. Високите камати лишија милиони обични Американци да станат сопственици на дом. Или барем се советува да се почека со купување куќа кога стапките се очекува да се намалат во текот на 2024 година.

Сфера, новоотворениот футуристички сценски објект на Стрип, главната променада во Лас Вегас, беше отворена во септември. Фотографиите на интернет од овој објект се малку за да се дофатат светлосните и визуелни ефекти на екраните поставени во 360 степени во кругот. Сферата започна со работа со концертите на славните Ирци U2. Легендарните музичари предводени од Боно и Ди Еџ, цела есен и зима во рамките на турнејата „Ахтунг бејби“ организираа триесетина концерти во Сфера. Беа предвидени 25 но по барање на посетителите концерти ќе има до почетокот на март 2024. Со ова U2 станаа едни од најуспешните „резиденти“ во Лас Вегас.

Но ниту еден исполнувач, како на пример ултрапопуларната и сеприсутна во 2023 година Тејлор Свифт, не може да ја надмине повеќегодишната резиденција на Елвис Присли во Интернешнл и Лас Вегас Хилтон што траеше од јули 1969 до декември 1976 година кога тој имаше вкупно 636 концерти.

Најнови вести од Свет

To top