Во Општина Кисела Вода денеска беше пуштена во употреба нова детска градинка со капацитет за згрижување на 125 деца, инвестиција на Општината и донација од шест милиони денари на Комерцијална банка. Градинката „Верверичка“, која е дел од на ЈДГ „Весели Цветови“ располага со модерен и функционален простор од 525 квадратни метри и шест занимални.
На официјалното пуштање во употреба присуствуваа заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и финансовиот директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, Маја Стевкова Штериева.
Изразувајќи благодарност до сите инволвирани за реализацијата на проектот, Велковски посочи дека сите градоначалници треба да го следат примерот на Ѓорѓиевски, кој, како што рече, во еден мандат реконструирал повеќе од пет објекти и изградил детски градинки, со што ќе овозможат листата на чекање во секоја општина да биде нула.
♥️ Кисела Вода доби уште една нова градинка!
🧩 Со големо задоволство денеска заедно со заменик министерот за социјална…
Posted by Орце Ѓорѓиевски – Orce Gjorgjievski on Tuesday, July 29, 2025
– Како Министерство за социјална политика, демографија и млади постојано сакаме да напредува системот за детска заштита. И затоа главниот фокус на нас како Министерство е детската заштита и демографијата. Овие две работи ги поврзувам од единствена причина што секој родител денеска во Општина Кисела Вода, во Скопје и во Македонија има право да работи, да биде ангажиран, а токму дечињата да си ја најдат својата среќа во ваквите објекти што ги градиме ние, истакна Велковски.
Владата, нагласи, она што го ветила пред една година, е на половина пат од реализација.
– Сметам дека за една година од денеска со сите објекти што ги очекуваме до крајот на годината, 15 низ цела Македонија, но и уште многу други, кои ќе бидат отворени во текот на 2026 година, листата на чекање од 4.000 дечиња да биде сведена на нула, рече Велковски.
„Верверичка“, како што истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, е трета новоотворена градинка во изминативе четири години, откако ја води Општина Кисела Вода, а истовремено се градат уште две, во населбите Расадник и Потстаница. Дополнително, нагласи, извршиле доградба и во пет други градинки.
– Овие инвестиции имаат конкретна и мерлива цел- целосно затворање на наследената листа на чекање за прием на деца во градинките која, на почетокот на мојот мандат, броеше 450 деца во двете градинки на наша територија. На ниво на цела општина, остануваат уште 20-тина деца кои чекаат прием, но согласно дадените ветувања и динамиката на работа, веќе извесно е дека ваквиот проблем во Кисела Вода ќе биде целосно решен, истакна Ѓорѓиевски.
Отворањето на „Верверичка“, според него, значи и официјално затворање на листата во рамките на ЈДГ „Весели Цветови“, која на почетокот на неговиот мандат броела 180 деца.
– Со отворањето на „Верверичка“, активната изградба на новите објекти и со проширувањето на капацитетите во три постојни градинки, Кисела Вода станува општина со место за секое дете. Едновремено, со ваквите вложувања, создаваме услови да помогнеме и на родители од соседните општини. Ова е пример како, преку јасна визија, соработка и вложување во раниот детски развој, можеме да создадеме општина која обезбедува еднакви можности за сите деца, подвлече градоначалникот.
Финансовиот директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка Стевкова Штериева, посочи дека тоа е една од нивните најомилени донации со кои го одбележуваат јубилејот 70 години постоење.
– Во годината во која одбележуваме 70 години од своето основање како банка можеме да забележиме дека сме посветени на продолжување на својата мисија за создавање подобра иднина за сите. Особено сме горди за нашиот придонес за подобра грижа и повесели денови на секое дете, бидејќи токму тоа е највредната инвестиција во нашата иднина. Можноста да придонесеме за развојот на децата и нивното весело детство на посебен начин ги топли нашите срца. Денес со голема радост можеме да го видиме резултатот и да се радуваме на детските насмевки што ќе ја исполнат градинката низ годините што доаѓаат, рече Стевкова Штериева.
Градинката „Верверичка“ ќе почне со редовна работа веднаш по добивањето на решението од Министерството за социјална политика, демографија и млади.