Симулациска вежба „Пожар на пловен објект во Охридско Езеро“ во рамки на караванот „До вас, за вас“ на МВР се одржа денес попладне на плоштадот „Св. Климент Охридски“ во Охрид.
Во вежбата активно учество зема Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Секторот за 112 и Секторот за операции и координација. Секторот 112 ја прими пријавата за настанот, по што следеше координирана комуникација со сите инволвирани субјекти во Системот за управување со кризи, преку Секторот за операции и координација.

Во симулацијата активно беа вклучени и:
• Капетанијата на пристаништата,
• Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид,
• Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид,
• Дирекцијата за заштита и спасување,
• Црвениот крст на Охрид,
• Итната медицинска помош Охрид.

Оваа симулациска вежба е уште еден значаен чекор во зајакнувањето на интеринституционалната соработка и зголемување на подготвеноста за справување со кризни ситуации во заедницата.
Присутните граѓани имаа можност да видат и дел од опремата која ја имаат македонските полициски единици, изложена на градскиот плоштад во рамки на караванот „До вас, за вас“.

-Македонската полиција постои на македонските граѓани. Нашата цел е да обезбедиме максимална безбедност за граѓаните, да им пружиме убав престој во овие денови на летни одмори. Со секоја ваква акција се доближуваме до граѓаните. Тие гледаат со каков тип на конкретни алатки се служи македонската полиција. Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, на пример, има доста сложени задача, а притоа се интересни пред се за помалите граѓаните. Со овој проект може да ги презентираме сите проекти кои ги спроведуваме овој период, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој се осврна и на соработката со српската полиција, чии припадници секое лето се во македонскиот Ерусалим.
-Четворица полициски службеници континуирано имаме во Охрид кои во летниот период заедно патролираат со македонските полицајци, истакна Тошковски.