Свет Украина

Портпаролот на украинското МНР го критикуваше „Њујорк Тајмс“ за напис за Курскиот регион

Претставникот на украинското Министерство за надворешни работи оцени дека оние во „Њујорк тајмс“ кои сметале дека е мудро да го објават извештајот „заедно со руските воени злосторници“ донеле „глупава одлука“.

Портпаролот на украинското МНР го критикуваше „Њујорк Тајмс“ за напис за Курскиот регион

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георгиј Тихи, го критикуваше „Њујорк тајмс“ за објавување на извештај од ситуацијата во Курскиот регион. Притоа, идејата за објавување на статијата тој ја нарече „глупава одлука“, пишува „Медуза“.

Извештајот на новинарката Нана Хајтман е објавен на 12 јули. Според написот, во март таа го посетила Суџанскиот округ, во Курскиот регион, што е под окупација на вооружените сили на Украина од август 2024 година. Новинарката напишала дека, меѓу другото, разговарала со локалните жители. Таа останала таму шест дена, а повремено била придружувана од борци од чеченската единица „Ахмат“, кои „се бореле за ослободување на таа област и помогнале во евакуацијата на локалното население“.

Во својот извештај, Хајтман пишува за големото уништување што го видела, како и за мртвите тела во цивилна облека. Во статијата се наведуваат и ставовите на руските власти, кои ги обвинуваат вооружените сили на Украина за убивање цивили, како и ставовите на Украина, според кои украинските сили го почитувале меѓународното право и се обиделе да му помогнат на локалното население.

„Луѓето со кои разговарав, а кои беа во Суџа за време на окупацијата, главно известуваа за правилното однесување на украинските сили во градот Суја, вклучително и за обезбедување медицинска и друга помош“, пишува Хајтман.

Претставникот на украинското Министерство за надворешни работи оцени дека оние во „Њујорк тајмс“ кои сметале дека е мудро да го објават извештајот „заедно со руските воени злосторници“ донеле „глупава одлука“.

„Ова не е објективност или ’другата страна на историјата’. Тоа едноставно ѝ дозволува на руската пропаганда да ја измами јавноста“, напиша Тихи во објава на социјалната мрежа X.

To top