Македонија ќе се мобилизираат сите ресурси

Владата прогласи кризна состојба од 30 дена поради пожарите

Владата, како што посочи, ќе обезбеди помош за сите засегнати подрачја со цел спречување на поголеми последици.

Владата прогласи кризна состојба од 30 дена поради пожарите

Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба од 30 дена на цела територија на државата поради зголемената појава на пожари.

Портпаролката на Владата Марија Митева попладнево на прес-конференција соопшти дека одлуката е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот со кризи.

– Ова на терен значи дека се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – Армијата, полицијата, сите противпожарни единици, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички се со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението, рече Митева.

Владата ќе обезбеди итна и навремена помош за сите засегнати подрачја, со приоритет на безбедноста на населението.

Државата ќе биде таму каде што е најпотребно.

Им изразуваме длабока благодарност на сите пожарникари, припадници на Армијата, полицијата, волонтерите и граѓаните кои веќе денови пожртвувано се борат со огнената стихија. Нивната храброст и посветеност заслужуваат највисоко почитување.

Ги повикуваме граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани, со цел заеднички да ја надминеме оваа состојба.

Владата останува целосно ангажирана и ќе продолжи преку дневна координација да ги следи состојбите на терен и да реагира соодветно, посочи Митева.

Најнови вести од Македонија

To top