Македонија МНР

Муцунски на отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје: Силна потврда за посветеноста на двете држави кон продлабочување на билатералните односи

„Оваа триесетгодишнина не е само повод за одбележување, туку и можност за проширување на нашата билатерална агенда. Во време на зголемена глобална меѓузависност, вредноста на стратешките партнерства и суштинската соработка е поважна од кога било“, рече Муцунски.

Муцунски на отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје: Силна потврда за посветеноста на двете држави кон продлабочување на билатералните односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше на официјалното отворање на Амбасадата на Република Казахстан во Скопје.

Во своето обраќање, министерот ја поздрави минатогодишната одлука на Казахстан за отворање резидентна амбасада во нашата земја и изрази уверување дека овој чекор ќе придонесе за поинтензивна дипломатска комуникација и соработка.

Осврнувајќи се на досегашната билатерална динамика, Муцунски нагласи дека отворањето на резидентните амбасади – македонската во Астана во 2014 и казахстанската во Скопје во 2025 година – претставува силна потврда за посветеноста на двете држави кон продлабочување на односите и зближување на народите и културите.

„Отворањето на резидентната амбасада на Казахстан во Скопје е пријателски и позитивен чекор кој, без сомнение, ќе придонесе за подинамична и поструктурирана билатерална соработка. Тоа е јасен израз на заемната заложба за зајакнување на политичките односи, без оглед на географската оддалеченост. Нашите амбасади во Скопје и Астана се клучни двигатели на оваа визија – да го поттикнуваат дијалогот, да разменуваат перспективи и искуства и да соработуваат во справување со заедничките предизвици“, истакна Муцунски.

Во контекст на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Казахстан, министерот посочи дека двете земји ја потврдуваат подготвеноста за унапредување на политичката соработка – билатерално и во рамки на меѓународните организации – како и за интензивирање на економската и трговската размена и развој на секторска соработка во сите области од заемен интерес.

„Оваа триесетгодишнина не е само повод за одбележување, туку и можност за проширување на нашата билатерална агенда. Во време на зголемена глобална меѓузависност, вредноста на стратешките партнерства и суштинската соработка е поважна од кога било. Во тој дух го одбележуваме денешното отворање на Амбасадата на Казахстан – чин што ја зацврстува нашата дипломатска поврзаност и отвора нови можности за соработка“, додаде министерот Муцунски.

Во текот на денот, министерот Муцунски присуствуваше и се обрати на приемот по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, при што го истакна цврстото уверување во потенцијалот за натамошно продлабочување на севкупната соработка меѓу Македонија и Казахстан.

Најнови вести од Македонија

To top