Македонија Ребаланс на буџетот

Стојаноска: Што се однесува до економија- ВМРО-ДПМНЕ секогаш било даскалот, а СДС единичарите

– Трет ден од општата расправа по ребалансот на буџетот и не можам, а да не ја искоментирам таканаречената иновативност на СДСМ со розовите очила и розовите пуфки. Колеги од СДСМ, времето за продавање пуфки ви измина. Розовите очила доцна ви текна да ги симнете, а и кога веќе докажавте дека биле кај вас, добро е да си ги сочувате за некои идни времиња, кога можеби и навистина наменски би ги искористиле. Мислам, навистина е неверојатна вашата, дури не знам и како да ја наречам?!? Дали креативност или смисла за хумор, но навистина мислам дека само вие меѓусебно си мислите дека сте интересни, вели Дафина Стојаноска

Стојаноска: Што се однесува до економија- ВМРО-ДПМНЕ секогаш било даскалот, а СДС единичарите

„Трет ден од општата расправа по ребалансот на буџетот и не можам, а да не ја искоментирам таканаречената иновативност на СДСМ со розовите
очила и розовите пуфки. Колеги од СДСМ, времето за продавање пуфки ви измина. Розовите очила доцна ви текна да ги симнете, а и кога веќе
докажавте дека биле кај вас, добро е да си ги сочувате за некои идни времиња, кога можеби и навистина наменски би ги искористиле. Мислам,
навистина е неверојатна вашата, дури не знам и како да ја наречам?!? Дали креативност или смисла за хумор, но навистина мислам дека само
вие меѓусебно си мислите дека сте интересни.

Луѓето кои од државава направија пазар, луѓето кои масакрираа 7 по ред буџети, луѓето кои изарчија речиси 30 милијарди евра народни пари во
невиделница, луѓето кои наместо проекти – реализираа пљачки, луѓето кои наместо реформи – не’ вратија децении наназад, луѓето кои го понижија и потценија сопствениот народ, деновиве, кога се зборува за најсериозниот финансиски државен документ, изигруваат рокери од Морава и продаваат пуфки.

И, кога ќе ве потсетиме дека имавте можност од цели 7 години, за да докажете колку сте домаќини, колку сте загрижени за реалните потреби на граѓаните и колку сте чесни, вие веднаш возвраќате со одговор – да не се враќаме назад, ние казната ја добивме на последните избори. Не, колеги. Тоа што изгубивте катастрофално на последните парламентарни избори – тоа ви е казна од народот. Не трудете се народот да заборави
дека вие не’ доведовте до ова дереџе. Не трудете се да се извлечете од вашиот кабает за се’ што денес преживуваме, а заради вашата немилост во 7те години ваше владеење. И немојте да ги релативизирате вашите гревови и денес овде да ни изигрувате големи домаќини.

За тоа што лани начекавме речиси испразнет буџет, за тоа не е доволна само казната од народот на последните избори. За тоа допрва ќе треба да се разбудат од длабокиот зимски сон оние кои бараа зголемен буџет вчера.

Јас не паметам кога во ваше време дошол Јавен обвинител на КФБ и се жaлел на буџетот. Јавното обвинителство за својата не работа дури е и
преплатено. Нека испорача резултати, па после може да се разговара за зголемување на нивниот буџет. Илјадници предмети им се во фиоки, само
не знам дали заради малиот буџет или заради должничко-доверителските односи со СДСМ и со ДУИ?!? Затоа, ве молам, немојте да глумите загриженост за буџетот на Јавното обвинителство, затоа што ви го знаеме скриениот мотив и пустата желба за да остане се’ како до сега, а најмногу не работата на обвинителството и на судовите.

Што се однесува до вашиот лажен домаќинлук, добро е да и’ се повторува на македонската јавност фактот дека за вашето седумгодишно владеење
постигнавте просечен раст на БДП од 1,6 проценти. За разлика од вас, ние за само една година постигнавме раст од над 3 проценти. И немојте, ве молам, да се вадите на ковид кризата и на војната во Украина, затоа што едноставно не поминува. Вие, за време на ковидот, бевте вистински профитери и криминалци. Гласавте лиценци за марихуана и за брусење на дијаманти, а народот го оставивте без вакцини. Гласавте 9 економски пакети за поддршка на стопанството, а не видовме како и каде се потрошија тие милионски суми. Но, да, ги гледаме денес вашите омилени лидери како шеикуваат во Дубаи и како оддалеку ви се смешкаат, додека вие овде изигрувате загрижени за народните пари. Вие, кои буквално го опљачкавте македонскиот народ, денес кажувате како требало домаќински да се работи.

Па, еве, да ве потсетам како се работи домаќински со само неколку факти…

За БДП-то веќе ви споменав – раст од 3 % за само една година;

Раст во услужниот сектор од 2,2%;

Раст на индустријата од 2,1 %;

Раст на градежништвото од 7,1 %;

Раст во земјоделството од 0,7 %;

Понатаму – имаме раст на нето платите, и тоа: здравствена и социјална заштита – 14,7 %, образование – 14,4 %, администрација – 13 %;

Понатаму – додека во ваше време дочекавме и двоцифрена инфлација со бројот 2 напред, истата во првите 5 месеци од оваа година изнесуваше 3,7 проценти.

Сето ова не’ наведува на проекција за економски раст од 3,7 проценти до крајот на 2025 та година. А, силниот раст на приходите во првите пет месеци од оваа година од 8,6 проценти е резултат на големите инфраструктурни проекти – коридор 8 и 10 и железничката инфраструктура.

Во ваше време ветувавте 500 километри нови автопатишта, а не успеавте ни 50 да изградите. Гледавте да профитирате од секој потпишан договор.

Денес плаќаме камати и казнени поени за вашата не работа и вие најдовте да кажувате кој е домаќин, а кој не е.

Со овој ребаланс обезбедуваме дополнителни средства од 800 милиони денари за плати, од 2,5 милијарди денари за пензии и од 300 милиони
денари за капитални инвестиции.

Со овој ребаланс ќе има две милијарди денари повеќе за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта. Каде се вашите ветени студентски град и нови згради за ФИНКИ и ФФК?!? Или, и за ова изгубивте на избори и толку – не мора да потсетуваме?!? Не, секоја прилика ќе ја користиме за да ве потсетуваме на вашиот не домаќинлак и вашиот арамилак.

Седум години го исцицавте овој народ и сега овде треба да ве слушаме, небаре сте деви марии и светци. Небаре на мравка немате згазнато, а
живи луѓе јадевте.

Да се вратам повторно на ребалансот и да потсетам на проектот „купи куќа за млади“ кој вие го згаснавте, затоа што не ви одговараше. Овој
проект ние повторно го активираме и обезбедуваме зголемени средства за истиот од 111%.

Што се однесува до младите во Македонија, не знам дали го гледавте гостувањето на мојот почитуван бивш колега Влатко Ѓорчев минатата недела. Тој, како национален координатор за демографија денес, говореше за вашиот демографски зулум кон Македонија. Говореше со
факти и со бројки кои велат дека во време на владеењето на СДСМ секогаш на Македонија и’ се случувала демографска катастрофа.

Дали можеби за ова чувствувате некаква вина или грижа на совест?!? Или тогаш си ги имавте розовите очила и се’ ви се гледаше розово?!?

Затоа, по не знам кој пат ве замолувам, немојте вие и немојте сега да покажувате грижа и да критикувате за не домаќинлук.

Ние, за само една година, а со начекана речиси празна народна каса, успеавме да обезбедиме 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти во секој град и село, без разлика на тоа кој е и од која партија е градоначалник. Успеавме да постигнеме историски најголемо ниво на странски инвестиции од над една милијарда евра. Успеавме, првпат по седум години, јавниот долг да е намален – заклучно со март 2025 та за 4,7 процентни поени, во однос на БДП. Успеавме платите да растат во администрацијата, здравството, полицијата и образованието.

Успеавме целосно да ја отплатиме еврообврзницата издадена во 2018 та, во износ од 500 милиони евра. Успеавме да ја намалиме царината за 67
стоки и обезбедивме целосна либерализација на увозот на стоки од нашиот стратешки партнер – САД.

Успеавме да обезбедиме највисок процент на изградба на патишта, од осамостојувањето до денес. Започнавме со изградба на автопатот Гостивар – Тетово во должина од 17,5 километри, на автопатот Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, на автопатската делница Прилеп – Битола во должина од 39,3 километри. Интензивно се гради и е во завршна фаза делницата Врбјани – Охрид од автопатот Кичево – Охрид, во должина од 40 километри.

Пуштени се во употреба, за само една година владеење: делницата Градско – Дреново во должина од 15,5 километри и вредност од 37,4 милиони евра; експресниот пат Ранковце – Крива Паланка во должина од 25,4 километри и вредност од околу 98 милиони евра; регионалниот пат Охрид – Свети Наум во должина од 24,5 километри и вредност од 11,6 милиони евра.

Понатаму, ја пуштивме во употреба пругата на коридорот 8 Куманово – Бељаковце во должина од 31 километар и вредност од 43 милиони евра.

За само три месеци, од нула функционални локомотиви, 11 ставивме во употреба и обезбедивме нормализација на железничкиот сообраќај.

Понатаму, воведовме 11 нови авиолинии од двата македонски аеродроми и обезбедивме финансиска поддршка од 360 милиони денари.
Понатаму, за само една година, исплативме заостанати субвенции и реализиравме редовни исплати кон земјоделците во износ од 9 милијарди денари.

Понатаму, здравството, ресорот на вашиот лидер, во чие владеење се случија профитите од вакцините, 14 те живи изгорени пациенти во Тетово и незнајните починати на онкологија. За само една година – ги укинавме нефункционалните економски директори на јавните здравствени
установи, отворивме постапка за вработување на 600 млади специјализанти, го зголемивме капитациониот бод за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, обезбедивме раст на платите на здравствените работници и соработници во јавното здравство, позитивната листа ја
проширивме со 9 нови генерики на лекови, реновиравме повеќе од 10 здравствени објекти и клиники и набавивме современа медицинска
опрема во вредност од неколку милиони евра.

Понатаму – образование – ресорот кој буквално го срозивте и не’ доведовте да треба да се фалиме со тоа дека, за прв пат после 7 години,
започнавме со конечно испорачани учебници, за што вие треба да плачете, но и да одговарате. За една година изградивме 7 нови училишни објекти, реконструиравме 20 училишни објекти и изградивме 4 нови училишни спортски сали.

Ја одблокиравме изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК кои вие ги претворивте во чавкарници. Наскоро ќе започнеме и со
изградба на кампусот на факултети при Универзитетот „Мајка Тереза“. Обезбедивме 38 милијарди денари за образованието во 2025 та, обезбедивме 680 милиони денари за наука во 2025, 274 милиони денари за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти на јавните
високообразовни и научни установи, МАНУ и компаниите кои соработуваат со академската и научната фела. Обезбедивме над 12 % повисоки плати за наставниот и стручниот кадар во основните и средните училишта, 14 % повисоки плати за универзитетските професори и потпишавме согласност за раст на платите до 60 % во следните 4 години.

Во тек е темелна реконструкција на двата студентски дома во Скопје – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, во износ од 17 милиони евра.

Обезбедивме, исто така, и 50 милиони евра за 1.570 стипендии за средношколците од дуалните паралелки.

Понатаму – спортот – ресорот кој вие го користевте само за профит и манипулации… Го откочивме проектот за изградба на 5 базени, реконструиравме 15 мултифункционални игралишта, изградивме 15 спортски центри низ цела Македонија, доделивме 500 стипендии „спортска надеж“ на млади талентирани спортисти, министерството за спорт исплати 20 милиони евра директно на спортистите и на спортските субјекти.

Понатаму, МВР и полиција, ресорот на сегашниот колега Спасовски кој вчера ни велеше дека не сме биле светско чудо за економија. Никој не кажа дека сме светско чудо, но вие докажавте дека сте светско чудо за соработка со криминалците и мафијашите. Целосно го решивме хаосот со издавањето пасоши кој вие го создадовте намерно и целно, сакајќи да ни оставите лош терен за почеток. За 10 проценти ги зголемивме платите на сите вработени во МВР, целосно ги реновиравме управните служби во Скопје, во завршна фаза ни е системот „безбеден град“, обезбедивме 36 нови возила за полицијата.

Пред самиот крај, ќе пробам и на овој начин да им докажам на колегите од СДСМ, но пред се’, на македонската јавност, за каква суштинска разлика станува збор помеѓу седумгодишното владеење на СДСМ и владеењето од само една година на ВМРО-ДПМНЕ, со неколку буквални антиподи:
– СДСМ јавниот долг го покачи од 47 на 65 % / јавниот долг за една година го снижи на 57 проценти од БДП;
– СДСМ економијата ја поведе во надолна линија до раб на банкрот / ВМРО-ДПМНЕ за само една година не’ направи четврти по раст на економијата во Европа;
– СДСМ остави неисплатени субвенции од 2021 ва / ВМРО-ДПМНЕ ги исплати истите во вредност од 9 милијарди денари;
– СДСМ остави 4 државни институции со три неисплатени плати на крајот од своето владеење / ВМРО-ДПМНЕ ги исплати тие плати и воведе редовни и зголемени плати;
– Во време на СДСМ имаше протести пред Влада и на регионалните патишта од страна на незадоволните земјоделци / ВМРО-ДПМНЕ за само една година обезбеди повисоки цени за откуп на земјоделските производи;
– Во време на СДСМ пензионерите излегоа на улиците во најголемите горештини, дури имаше и една жртва / ВМРО-ДПМНЕ за првите 9 месеци ги покачи пензиите за 5 илјади денари;
– СДСМ реализираше до 10 5 автопатишта / ВМРО-ДПМНЕ само во моментов гради 4 автопатски делници истовремено.

Доволно е за споредба, а има уште многу. Додека СМСД распродаваше национални интереси, ВМРО ДПМНЕ предупредуваше и протестираше. Денес така лесно се раздаваат со патриотизам истите кои не’ продадоа за да уживаат во Дубаи и да бројат милијарди од пазарот. Денес ни велат: вратете го името, истите кои го дадоа за лично богатење. Ни оставија руина од дом и сега ни предаваат лекции за добро владеење. Немавте срам ни тогаш, ни денес. Не се ни очекува тоа од вас. Но, сепак, за економија и за буџет, вие уште долго време треба да седите на ученички клупи и да учите. Барем што се однесува до економија, ВМРО-ДПМНЕ секогаш било даскалот, а вие единичарите. Немојте ниту жртви да глумите, зашто не ви оди. Но, добро е да ве гледа македонската јавност. Таа истата која лани ве казни. Таа истата која и годинава ќе ве казни. И се’ дури не ви дојде на памет дека треба да се извините, да молите за прошка, вистински да се покаете и конечно да си ја смените матрицата, се’ дотогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе ви држи лекции по економија, по дипломатија и по вистинско владеење со Македонија. Вашето време истече. Вашите лаги се истрошија. Вашето: „можеме“ и “можеме уште повеќе“ заврши со тоа дека ништо не можете, освен да лажете, крадете и распродавате. Сепак, колку што вие успеавте да уништите, да распродадете и да украдете, толку ВМРО-ДПМНЕ може да ја издигне Македонија од пепелта и да ја надомести штетата која вие ни ја направивте и оставивте во наследство. За помалку од една деценија направивте повеќедецениски штети за во иднината. За помалку од една деценија потрошивте 30 милијарди евра во ветер и магла. За помалку од една деценија продадовте сопствена вековна држава и се обидовте да се пазарите за македонскиот идентитет. Ќе останете запаметени како најголемите зулумќари во поновата македонска историја. И ништо не може да ве испере.

Ако сакате, и секој ден ќе имаме општа расправа за буџет. Ако сакате и секој ден ќе имаме расправа за која и да одберете тема. Залудно ви е. Нема тема на која можете со чист образ да излезете и да зборувате. Лидерот ви го нема. Оној вистинскиот ви е во Дубаи и ве командува со далечинско, небаре е уште неговото време. Кажете му дека на Филипче лошо му оди со неговите луѓе. Или нека го репрограмира далечинското или нека најде нови луѓе. Оти, овие новите и старо-новите не ги бива. Ни за еден ребаланс не можат да не’ демантираат, а не пак за било што друго. СДСМ никогаш не било полошо. СДСМ! И без розови очила, и со розови очила, народот не ве есапи, не ве перцепира. Кога на времето го потценувавте и велевте дека е до неговата перцепција, тогаш можеби и по два пара розови очила носевте. Денес не се раздавајте со нив, туку подобро би ви препорачала да излезете со еден црн транспарент на кој ќе пишува: „гробарите на Македонија“.

И, сосема за крај, ребалансот на буџетот останува да сведочи за нашата битка за напредок на Македонија, а вашите реакции на него остануваат да сведочат за вашите рушевини кои ги оставивте после вашето владеење од 7 години. Ние не се оправдуваме со вашата не работа, само мораме постојано да ве потсетуваме дека после вас оставивте хаос, од кој ние полека, но сигурно испливуваме, и тоа за само една година владеење.

Ребалансот на буџетот за 2025та е документ, но и инструмент со кој ја продолжуваме нашата грижа за потребите на сите македонски граѓани. Македонија е посилна од се’ и ќе ја преброди и вашата желба за наш неуспех. Успеавме многу за само една година. Вие само бидете така и учете како се сака сопствената држава и сопствениот народ и како се работи искрено и чесно за нив.“

Изјава на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, за Курир во врска со ребалансот на буџетот за 2025.

Најнови вести од Македонија

To top