Македонија Собрание

Милошоски оствари средба со претставници на Транспортната заедница

Милошоски се заблагодарил за споделените информации и го образложил законодавниот процес за усогласување на националните закони со европското законодавство, објаснувајќи дека законските предлози се поднесуваат од страна на Владата со европско знаменце.

Милошоски оствари средба со претставници на Транспортната заедница

Потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски денеска оствари средба со Матеј Закоњшек, директор на Меѓународната организација – Транспортна заедница, како и со заменик-директорката Љуба Силјаноска.

На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, директорот Закоњшек ја истакнал основната цел на Транспортната заедница — интегрирање на земјите од Западен Балкан во заедничкиот транспортен пазар на Европската Унија. За таа цел, како што нагласил, од суштинско значење е спроведувањето на неопходни реформи и целосното усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ, што е од голема корист и за државата и за граѓаните, особено во контекст на слободното движење на стоки и услуги.

Директорот Закоњшек ја подвлекол важноста од континуирана соработка со Собранието, особено со Комисијата за европски прашања и Комисијата за транспорт и врски, како и со Министерството за транспорт. Притоа, посебно ги истакнал како приоритетни инфраструктурните проекти Коридор 8, кој го поврзува Јадранското со Црното Море, и Коридор 10, кој воспоставува врска меѓу Грција и Србија, при што Република Македонија претставува стратешка транзитна точка за двата коридора.

Милошоски се заблагодарил за споделените информации и го образложил законодавниот процес за усогласување на националните закони со европското законодавство, објаснувајќи дека законските предлози се поднесуваат од страна на Владата со европско знаменце. Дополнително, тој нагласил дека е потребно посебно внимание да се посвети на развојот на железничката инфраструктура, со цел воспоставување на поврзување меѓу Скопје, Кичево и Албанија.

Како што се наведува во соопштението од Собрание, соговорниците се согласиле дека развојот на квалитетна и современа инфраструктура е од суштинско значење за олеснување на слободното движење и за подобра регионална поврзаност. Било посочено дека Транспортната заедница останува клучен фактор во координирањето на овие процеси и во обезбедувањето на бенефити за сите граѓани и бизниси во регионот.

Најнови вести од Македонија

To top