Република Општина Куманово

Димитриевски: Почна реконструкцијата на улици во Куманово

Се очекува да биде избран најповолен понудувач во износ од 31 милион денари. Ако заврши оваа постапка до крајот на месецот, ќе бидат поплочувани поголем број улици согласно приоритет, најави градоначалникот.

Димитриевски: Почна реконструкцијата на улици во Куманово

Интензивно се спроведува реконструкција на повеќе улици во урбаните заедници во Куманово и во приградските населби и села, соопшти денеска градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

На прес-конференција тој информираше дека во моментов се реконструира фекална канализација на „Моша Пијаде“, „Браќа Рибар“, дел до „Пиринска Македонија“.

По санацијата се очекува да почне асфалтирање на улицата, која се спроведува со средства од Светска Банка и Министерството за транспорт и врски.

– Завршена е тендерската постапка, избрана е фирма за 1,690.000 денари ќе биде интервенирано на различни локации каде ќе бидат поставени „лежечки полицајци“, првенствено во близина на училиштата, а по потреба и на најфреквентните места, секако каде имаме добиено сообраќајна согласност од страна на МВР, изјави Димитриевски.

Продолжуваат градежните зафати во руралните средини, во село Брзак, наскоро ќе започне и во село Романовце.

– Завршена е постапката, избрана е фирмата од Куманово која веќе работи на повеќе локации. Последната интервенција беше во село Брзак, а во моментов имаме најава за интервенција во село Романовце, во износ од пет милиони денари за санација на тие рурални патишта, дополни градоначалникот. Во Речица со 13,7 милиони денари ќе се реконструираат повеќе улици сè до стадионот, дополни тој.

Општината ќе вложи и во изградба на улица 2002 (крак 1, 2 и 4) и дел од улица „Веселин Вујовски“, во населбата Тоде Мендол.

На територијата на цела општина, предвидено е и санирање и одржување на јавни површини, односно летно крпење на оштетените патишта. Тендерската постапка е во завршна фаза, а во износ од 12,6 милиони денари.

Во тек е и постапка за реконструкции и санирање на оштетени јавни површини со бекатон плочки.

– Се очекува да биде избран најповолен понудувач во износ од 31 милион денари. Ако заврши оваа постапка до крајот на месецот, ќе бидат поплочувани поголем број улици согласно приоритет, најави градоначалникот.

Завршени се повеќе улици во населба „Ајдучка Чешма“, во село Табановце за што се одвоени 2,9 милиони денари.

To top