Македонија анализа

Не им верувај на ,,Бугарите‘‘ и дарови кога носат

Фразата „Страв ми е од Данајците дури и кога носат дарови“ од римскиот еп „Енеида“ на Вергилиј за познатиот Тројански коњ, во актуелната бугарска политика кон Македонија може слободно да се преведе, како: Не им верувај на Бугарите и дарови кога носат!

Не им верувај на ,,Бугарите‘‘ и дарови кога носат

Фразата „Страв ми е од Данајците дури и кога носат дарови“ од римскиот еп „Енеида“ на Вергилиј за познатиот Тројански коњ, во актуелната бугарска политика кон Македонија може слободно да се преведе, како: Не им верувај на Бугарите и дарови кога носат!

И тоа не без причина.

Ако се вратиме назад во блиската историја на бугарскиот однос кон Македонија можеме да утврдиме неколку факти што водат кон овој заклучок.

Прв „дар“ – Софија прва ја призна земјава под уставното име по прогласувањето на независноста, но цената се виде набрзо – не признава македонски народ и македонски јазик, или не пред 1945. Првиот билатерален договор од 1999 година познат како ,,Декларација за пријателски односи и соработка”, зборува за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста, за добрососедски односи и меѓусебна соработка. Бугарија ја признава реалноста на македонската држава, но јазикот не постои. Затоа договорот и се потпиша со формулацијата – на јазикот според Уставот на Република Македонија.

Втор „дар“ – „на мускули“ од Заев и Димитров донесениот договор за добрососедство, со кој Софија требаше да и помогне на Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО. Ако за НАТО никој и не ја праша, за ЕУ стаса предупредувањето од Борисов дека за името на Македонија мора да се праша и Бугарија. Навидум безазлено, но тоа предупредување и договорот за добрососедство од 2017 година со вметнување на историската комисија и заедничката историја само го открија ,,дарот‘‘ од Софија – поддршка за евроинтеграциите, но без македонски национален идентитет и јазик, и повторно барем не пред 1945.

Трет „дар“ – преговарачка рамка за почеток на преговорите со ЕУ, но не и отворање на поглавјата без вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот. И овој бугарски подарок не предвидува македонски идентитет пред 1945, а за македонскиот јазик, дури ни тогаш, туку заверен со фуснота во ЕУ дека Софија не го признава.

Четврти „дар“ – ретерирање на бугарскиот државен врв од позицијата „вметнувањето на Бугарите во уставот е само првиот услов што треба да го исполни Македонија за да ги отвори поглавјата“ и негова замена со „Бугарија никогаш не поставила и не нема да постави услови надвор од договорот“ дар излезен од устата на бугарскиот претседател Радев, а поддржан и од шефот на дипломатијата Георгиев кој додава дека Софија и Скопје немаат отворени прашања.

Прашањето е дали дарот е нов, или само завиткан во поубава хартија?

Поучени од сите бугарски „дарувања“, македонската дипломатија овој пат нема да падне на голема кутија, светкава хартија и раскошна машна!

Прво дародавците од Европарламентот, бугарските европратеници да се повлечат од срамното негирање на македонскиот идентитет. Радев и Желјазков да прифатат средби за решавање на спорните делови од преговарачката рамка. Софија да се соочи со реалноста и малцинствата, без демагогија и лажна демократија, туку со прифаќање на 14-те пресуди од Судот за човекови права во Стразбур во корист на Македонците во Бугарија. И на крај Софија во пракса да покаже што е вистинско доборсоседство и поддршка на македонските евроинтеграции.

Во спротивно овој „ДАР“ од Софија ќе заврши во канта, а не како претходните – на полиците со трофеи од загубени битки, продадени име и идентитет.

ПС

Претседателката Силјановска Давкова за секој случај да си ги преброи прстите по ракувањето со „дародавците“, било со Желјазков, било со Радев.

Најнови вести од Македонија

To top