Свет Ненајавена посета

Лајчак во ненајавена посета на Косово, на средби со Курти и опозицијата

Повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, РСЕ јави дека Лајчак ќе има средби и со претставници на косовските парламентарни опозициски партии.

Лајчак во ненајавена посета на Косово, на средби со Курти и опозицијата

Посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак попладнево се очекува да допатува во ненајавена посета на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Посетата, преку изјава за медиумите, ја потврдија од Канцеларијата на Европската унија на Косово.

– Да, Лајчак денеска и утре е во Косово, изјави за „Коха.нет“ Јоана Лачана од канцеларијата на ЕУ.

Според извори на Радио слободна Европа, словачкиот дипломат се очекува да се сретне со косовскиот премиер, Албин Курти, како и со главниот преговарач на Косово во бриселскиот дијалог, вицепремиерот Бесник Бислими.

Повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, РСЕ јави дека Лајчак ќе има средби и со претставници на косовските парламентарни опозициски партии.

Посетата на европскиот емисар доаѓа во време кога во Косово се води расправа за нацртот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, кој западните емисари пред неколку недели го презентираа пред обете преговарачки страни, за време на нивната посета на Приштина и Белград, каде што се сретнаа со косовскиот премиер Албин Курти и со претседателот на Србија Александар Вучиќ

По последните средби во Брисел на 26 октомври, кои Курти и Вучиќ ги имаа со лидерите на Франција, Германија, Италија, како и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во присуство на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, беше објавено дека двајцата лидери го прифатиле предложениот нацрт како добра основа за понатамошни дискусии. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top