На нова локација и нов концепт од догодина ќе се организира штипската Пастрмалијада. Акцентот ќе се стави на угостителите и посетителите да можат да ја пробаат штипската пастрмајлија. На таков начин ќе се промовира штипскиот специјалитет, најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Дополнително посетителите ќе може да уживаат и во добра музика.
-Планираме еден поинаков концепт каде значење ќе дадеме пред се на угостителите за да навистина го презентираме на најдобар можен начин брендот пастрмајлија и да мотивираме што е можно поголем број на посетители кои ќе ги посетат угостителските објекти и кои ќе дојдат да ја пробат патрмајлијата, но и да понудиме добра забава, вели Јорданов.
Според него, посетеноста беше голема, а граѓаните биле задоволни. Се проценува дека за викендов продадени се околу 40.000 пастрамајлии, а Штип го посетиле 50.000 граѓани
-Овој изминат викенд Штип го посетија доста граѓани од околните населени места и градови, но и од околните држави, имаше доста голема посетеност, на мое огромно задоволство и на задоволство на сите нас. Помина се во најдобар ред, имаше добра забава, доста изедени пастрмајлии, вели Јорданов.
Според пресметките на организацискиот одбор, посетеноста расте од година во година, а расте и бројот на изедени пастрмајлии.
И оваа година манифестацијата започна се сечење на џиновската пастрмајлија, а втората вечер се одржа и натпреварот во брзо јадење. (МИА)