Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека „странски непријатели“ го напаѓаат Лос Анџелес, каде што беснеат немири од петокот откако неговата администрација започна серија рации за имиграција, велејќи дека нема да дозволи беззаконието да продолжи.
„Оваа анархија нема да продолжи. Нема да дозволиме федерални агенти да бидат нападнати, нема да дозволиме странски непријатели да нападнат и освојат американски град“, рече американскиот претседател во говорот во воената база Форт Браг во Северна Каролина.
„Она што го гледате во Калифорнија е широко распространет напад врз мирот, јавниот ред и националниот суверенитет, предводен од бунтовници кои носат странски знамиња и имаат намера да поттикнат странска инвазија на нашата земја“, им рече Трамп на неколку илјади војници и цивили.
Во својот остро формулиран говор во една од најголемите воени бази во земјата, републиканскиот милијардер ги нарече демонстрантите „животни“.
Имињата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, и поранешниот претседател Џо Бајден, двајцата демократи, беа исвиркани.
Трамп распореди 4.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци во Лос Анџелес, спротивно на препораките на калифорниските власти кои проценија дека ситуацијата е под контрола. Њусон ги опиша потезите на Трамп како „диктаторски“.
Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет присуствуваа на настан во Северна Каролина по повод 250-годишнината од американската војска, гледајќи како војниците демонстрираат напад на специјалните сили врз зграда и користат ракетен фрлач со долг дострел. Тоа беше првото од серијата прослави на воената годишнина пред големата воена парада во Вашингтон в сабота.