По ремито со Белгија задоволството не го криеше и селекторотна македонскиот фудбалски тим Благоја Милевски.
„Сакам да им честитам на фудбалерите за сето тоа што го покажаа вечерва, но посебно и за оној фактор плус кој ни недостигаше на минатиот натпревар. Благодарност до сите оние кои беа вечерва на трибините и ни дадоа голема поддршка. Нема за што да жалам, таков е фудбалот. Македонија повторно покажа дека може да се носи со најдобрите во Европа, ама само кога функционира како тим. Резултат на таквиот начин на функционирање се последните резултати. Овој натпревар мора да го архивираме веднаш, бидејќи веќе в понеделник ни претстои Каззахстан.
Кога пред себе имате еден противник како Белгија, која е фаворит број еден во гр4рупата, составен од играчи кои играат во најдобрите клубови во Европа, претставува задоволство да се види Македонија и нејзиниот изглед вечерва. Не можам, а да не сум задоволен од тоа како изгледавме. Ќе повторам, нема да ни значи ништо овој резултат ако не одиграме како што треба и како што сакаме против Казахстан.
Во моментов не ни недостига ништо, но тоа што е одиграно е веќе зад нас. Нема навраќање назад и најважно е тоа што ни следува, па на крајот ќе видиме што и како. Дали можеби ќе ни недостигаат загубените бодови со Велс. Уште сме многу далеку од Светското првенство, мислам дека овој меч што ни следи со Казахстан е еден од клучните, ако не и клучен, за да останеме конкурентни до самиот крај“, изјави Милевски.
Време за одмор нема, Македонија веќе утре патува кон Казахстан за четвртиот натпревар од квалификацискиот циклус. Со оглед на долгиот лет од повеќе од шест часа, со мала рекуперација фудбалерите ќе мораат на мегдан против незгодниот ривал.