Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова денеска на прес-конференција во Собранието информираше дека на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика е разгледан Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, со кој се предлага намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите од 10 отсто на 5 отсто во Економско социјалниот совет (ЕСС).
Како што кажа, оваа измена има јасна цел – да создаде поправедни и поинклузивни услови за синдикално здружување и претставување во Економско – социјалниот совет.
Според неа, намалувањето на прагот ќе овозможи повеќе синдикати да добијат право на учество во ЕСС, каде што се носат важни одлуки за работниците, работодавачите и државата. Панова рече дека на вчерашната средба со претставници од КСС, КСОМ и УНАСМ, имало поддршка за оваа иницијатива.
-Нивните ставови беа јасни – оваа промена е потребна, праведна и доаѓа во вистински момент. Како пратеници на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата јасно порачуваме: целта не е создавање конфронтации меѓу синдикатите, туку отворање простор за реален и фер социјален дијалог. Репрезентативноста не треба да биде пречка, туку средство за вистинско застапување на интересите на работниците, рече Панова.
Пратеничката група останува отворена за комуникација со сите синдикални организации, вклучително и оние кои не биле присутни на средбата бидејќи, како што кажа Панова, тие веруваат дека само преку вклученост и дијалог може да се изгради постабилен социјален систем.
– Оваа измена е само еден од чекорите што ги преземаме во насока на посовремен, поправеден и европски трудов систем, рече Панова.
Н денешната седниа на Комисијата за економски прашања за натамошна постапка се изгласани Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, за којшто не се прифати еден амандаман, а беа прифатени и измените на Законот за заштита од вознемирување на работно место, за којшто немаше поснесено амандамни.
На натамошна постапка се дадени и Предлог на закон за ставање во употреба на техничка опрема за транспорт, Предлог на закон за изменување на Законот за волонтерството и Предлог на закон за изменување на Законот за младински додаток, сите во прво читање.