Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, со оглед на финасиската големина (6 милијарди евра) и политичката тежина со право ја бранува јавноста.
Зошто овој договор за стратешко партнерство е добар?
Од политички аспект:
- Договорот го заокружува процесот на стратешки партнерства, сите постигнати од владите на ВМРО-ДПМНЕ, прво тој со САД во 2008 година. Следат со Турција, Унгарија, најавениот со Азербејџан (со фокус на енергијата). Македонија и со ЕУ има стратешко партнерство, но освен финасиска помош (преку предпристапните фондови и последниот план за раст), досега отсуствува сериозна политичка поддршка кон полноправно членство.
- Велика Британија е земја која секогаш се прашува во геополитиката. Лондон прв партнер и најблизок соработник на САД. Таа врска и политичкото партнерство ќе овозможат контакти и влијание, кое на мала земја како Македонија и е преку потребно во ,,новото нормално‘‘
- Излегување од лимбо ситуацијата со блокираните евроинтеграции, од изолираноста и од уверувањето дека единствено полноправното членство во ЕУ е решението за земјава.
Сите овие партнерства се со исклучително влијателни и богати земји, одлично позиционирани во глобалната политика. Од нив САД и Велика Британија се нуклеарни сили и две најмоќни земји во светот, постојани членки на Советот за безбедност на ООН. Турција е мост помеѓу истокот и западот, бизнисот и врските помеѓу двата континета, линкот помеѓу христијанскиот и муслиманскиот свет, но и докажан пријател на Македонија. Унгарија, единствената од ЕУ со која имаме таков договор, е промотор на македонските евроинтеграци, и земја која веќе обезбеди исклучително евтин кредит од милијарда евра за македонските општини и компании.
Од економски аспект:
- Финансиска рамка од 6 милијарди евра на располагање по најповолни услови, без ограничување колку, и кога ќе се користат. Задолжувањето почнува кога ќе се повлечат средствата (а, не да лежат на сметка неискористени, а да се плаќа камата). Камата пониска од сите други или на ниво на другите меѓународни финансиски институции. Заемот подлежи и на грејс период, што значи реализираните проекти сами ќе почнат да продуцираат средства за враќање.
- Изградба на брза железница Табановце-Гевгелија за 5 години. Македонија нема да остане слепо црево на Балканот, туку ќе се поврзе со брз патнички и карго воз (160/120 км/час), од Атина до Виена. Со новата железница шлеперите повеќе нема да бидат доминантни на коридорот 10. Патувањето ќе биде побрзо и од авион, со оглед на процедурите за летање (Скопје-Солун 1,5 часа, Скопје- Атина 4 часа, Скопје- Виена 5 часа)
- Нови болници во Штип, Тетово и Кичево, факултет за медицински науки во Штип и студентски дом со 200 легла. Конечно ќе почне дисперзија на медицинските услуги на секундарно и терцијарно ниво за пацинетите за кои единствен лек е доаѓање во клиничкиот центар или болниците во Скопје.
- Сите проекти ќе се градат со доминантно учество на македонски фирми од 80%, а на британски со 20%, што укажува на одличен финансики импакт за македонските фирми и обезбедена работа на подолг период.
- Раздвижување на македонската економија во целост. Со робусно реализирање на капитални проекти, се овозможува силен економскиот развој, повисок БДП, повисоки плати и пензии, повисок стандард.
- Раздвижување на пазарот и трговијата помеѓу двете земји, како и заинтересираност кај британскте компании за дополнителни директни инвестиции во земјава.
- Know-how технологија, обука, техничка помош, опрема и експертиза од британската влада кои на соработката ќе и дадат додадена вредност.
Тогаш, зошто македонската опозиција е скептична за договорот?
Додека владата договорот го оценува како историски кој ќе ја трансформира државата, Венко Филипче вели СДСМ ќе го поддржи стратешкото партнерство, но не и финансискиот договор, кој за него е непатриотски и антиевропски.
Како е тоа можно? Како е можно да поддржиш Македонија да има железница од 19 век и здравство од 20 век? Дури и на почнати проекти неговата партија не можеше да одговори со сечење лента. Се уште не бледее прозивката од Ковачевски кон својот министер за транспорт на партиска трибина – ,,Стани Благоја и тебе да те види сала‘‘, со барање гаранции за завршување на автопатот Кичево-Охрид кој не само што не се заврши, туку и не се помрдна. Како е можно да ветуваш нов клинички центар, да не го реализираш и да плаќаш пенали, а да ги заборавиш другите здравствени установи. Како е можно единствениот конкретен чекор во инфраструктурата да ти биде договорот со Бехтел и Енка за автопати на коридорите 8 и 10Д и тоа на крајот од својот мандат, договор со кој само даваш, а немаш реализација. Како е можно тој договор во вредност од 2 милијарди евра, заедно со експропријациите да не ти е проблем, а отворен фонд од 6 милијарди евра – користиш кога сакаш и колку сакаш да ти е проблем?
На крај, за сите сомнежи – ако договорот е непатриотски тоа ќе си има своја цена. Ако е патриотски, ќе има нов мандат на изборите, кога и да се одржат…