Свет

ЕК додели дополнителни 25 милиони евра хуманитарна помош за Газа

ЕК додели дополнителни 25 милиони евра хуманитарна помош за Газа

Европската комисија денеска соопшти дека ќе обезбеди дополнителни 25 милиони евра хуманитарна помош како дел од континуираната поддршка на ЕУ за цивилното население во Газа, јави дописникот на МИА од Брисел.

Со овие нови дополнителни средства вкупната хуманитарната помош од ЕУ за Газа оваа година достигна над 100 милиони евра.

– Новата помош ќе биде доделена на хуманитарни организации за да се обезбеди помош за спасување на животи, особено фокусирајќи се на обезбедување вода и средства за хигиена, здравствена заштита, храна и други основни потреби, информира Европската комисија.

Објавувајќи ја дополнителната помош, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен истакна дека ЕУ паралелно со ова заедно со Израел, Египет и Обединетите нации работи на испраќање повеќе конвои во Газа, „вклучително и преку коридори и паузи за хуманитарни потреби“.

Европскиот совет на 26 октомври повикаа на континуиран, брз, безбеден и непречен хуманитарен пристап и помош до оние на кои им е потребна во Газа преку сите неопходни мерки, вклучувајќи и хуманитарни коридори и паузи за хуманитарни потреби.

ЕУ воспостави хуманитарен воздушен мост за помош на луѓето погодени од кризата, овозможувајќи испораката на производи за населението во Газа преку нејзините партнери, УНИЦЕФ и други меѓународни организации.

Од 16 октомври, па досега со шест летови од ЕУ во Египет беа испорачани преку 263 тони хуманитарна помош за цивилното население на кое му е таа потребна во Газа.

Дополнително, ЕУ го активираше и својот Механизам за цивилна заштита со цел да понуди поддршка за летови за репатријација на странците од Израел.

Најнови вести од Свет

To top