Движењето ЗНАМ им ги отвора вратите на разочараните и на изневерените членови на СДСМ. Златни визи не се купуваат без причина, тие се дел од вашиот план за бегство, за моментот што го очекувате и планирате – да му се придружите на својот другар Артан Груби надвор од државата. СДСМ во моментов е брод без кормило, порача генералниот секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев.
Тој упати порака до двоецот Заев и Филипче, познати како „златните дечки“, поставувајќи го прашањето:
– Зошто ти е златна виза, Венко? Златни визи не се купуваат без причина, тие се дел од вашиот план за бегство, за моментот што го очекувате и планирате – да му се придружите на својот другар Артан Груби надвор од државата. СДСМ во моментов е брод без кормило. Од удобноста на грчките плажи или од луксузот во Дубаи, испраќаат политички инструкции што се спротивни на интересите на граѓаните на Република Македонија. Наместо да се соочат со реалноста, тие продолжуваат да шират лаги и манипулации, само за да се заштитат себеси. Народот веќе ве казни – и тоа беше само почеток. На претстојните локални избори следува тотален дебакл – порача Минчев.
Димитриевски пред граѓаните на Крива Паланка нагласи дека претстојните локални избори се клучен момент за вистинска промена:
– Ние ниту сакаме, ниту имаме намера да ја продолжиме нивната приказна – ние отпочнавме нова! Тие продаваа државно, распродаваа сè што беше свето и народно, од името до достоинството. Ние, пак, на локално ниво градиме, вложуваме, чекор по чекор ја враќаме довербата. Со чесност, отчетност и директна комуникација со народот – тоа е нашата формула за успех.
Во своето обраќање, Димитриевски силно ја нагласи принципиелноста како темел на политичкото дејствување на ЗНАМ.
Тој порача дека времето на компромиси со корупцијата, клиентелизмот и личните интереси е завршено.
– Ако нешто не чини – го кажуваме, без разлика дали доаѓа од позиција или опозиција. Затоа што не сме тука за фотелји, туку за промена. И затоа народот нè препознава – затоа што не молчиме, не тргуваме со вистината, и не им даваме на луѓето лажна надеж. Ова движење го градиме на вредности, не на калкулации. Ова е борба – не за власт, туку за иднина – истакна Димитриевски.
Караванот „Заедно знаеме повеќе“ продолжува со посети низ целата држава, со цел директни средби со граѓаните и претставување на визијата на ЗНАМ за силни, чесни и одговорни локални самоуправи кои вистински ќе им служат на граѓаните.