Триесет и пет годишниот Макс Фокс по 19 години успеа својата желба да ја реализира, сонот да стане јаве. 19 години се обидувал да застане на сцената на шоуто „Британија има талент“ и да пее пред Сајмон Кауел. Ова му успеа во 2025 година и тоа како дел од публиката.
Седејќи во публика, во близина на Сајмон, Макс извикал по него за време на една од паузите и му ја кажал својата приказна.
Кауел не верувал дека ваквиот потег на Макс не е претходно договорен со продуцентите на шоуто, по што младиот пејач му го покажал билетот кој го имал за своето место во публиката. По спроведените проверки и идентификација, на крај на шоуто, како последна аудиција за тој ден, му е дадена шансата на Макс.
-Се надевам дека си добар, му рече Сајмон пред Макс да почне да пее.
Неговата изведба на песната „My Way“ го остави жирито во шок, а публиката во салата ја крена на нозе која му даде неверојатна поддршка и навиваше за жирито да му даде „златно копче“. Според правилата на шоуто, секој од четворицата членови на жирито и двајцата водители како едно, имаат право поединечно само еднаш да доделат „златно копче“ преку кое натпреварувачот или групата оди директно во полуфиналните вечери. Во исклучителни ситуации, сите членови на жирито заеднички може да доделат уште едно „златно копче“.
Но, за одличната изведба на Макс, се прекршија сите правила. Аманда потклекна на притисокот на публиката и одлучи да даде второ „златно копче“.
-Веќе го притиснав златното копче, па ќе бидам во голема неволја. Ова е моето второ златно копче, го дадов за публиката, рече Аманда која ги прекрши правилата на шоуто.
Макс со свој коментар се огласи под видеото од неговиот настап.
-Ви благодарам многу за вашата поддршка. Неколку луѓе рекоа дека оваа песна им значи нешто… причината зошто ја одбрав оваа песна е затоа што ја испеав на погребот на мојот дедо и навистина верувам дека тој беше присутен во овој момент. Ви благодарам многу за целата ваша поддршка, возбуден сум да видам што носи иднината, напиша Макс кој вели дека е локален пејач.
Неговиот настап погледнете го во видеото во продолжение.