Скоро секој родител во одреден момент му зборува со повишен тон на своето дете, колку и да се труди да остане присебен. За ова е свесна и психологот Џезмин Мекој, која објаснува дека и најдобриот и најнамерниот родител понекогаш ќе ги изгуби нервите.
„Ако тие моменти се ретки, тие веројатно нема да нанесат трајна штета на вашата врска со вашето дете, особено ако се извините за вашата реакција“, објаснила Мекој.
Проблемот е кога тоа се случува често. Според Мекој, родителите кои не викаат, воспитуваат емоционално интелигентни, самоуверени, успешни и среќни деца.
Трајни негативни ефекти од викањето
Децата на кои постојано им викаат родителите имаат поголема веројатност да развијат проблеми во однесувањето, ниска самодоверба и депресија, според студијата од 2013 година објавена во „The Journal of Child Development“.
Дополнително, викањето не е ефикасно во корекција на негативното однесување. Наместо тоа, викањето предизвикува одговор на стрес во мозокот на децата, што доведува до зголемена анксиозност што може да ја попречи нивната способност за учење и развој, покажале студиите.
„Важно е да се запамети дека кога викаме, нашите деца навистина не учат. Ниту пак ние учиме кога сме под стрес. Што доведува до заклучокот дека викањето е контрапродуктивно за нашата крајна цел“, забележува Мекој.
Зошто родителите викаат?
Мекој истакнува дека родителите често им викаат на своите деца кога се чувствуваат беспомошни, преморени и вознемирени.
„Запрашајте се во кои ситуации се чувствувате фрустрирано, зошто некое специфично однесување ве фрустрира и што всушност е фрустрирачко во тоа однесување. Разбирањето на вашите предизвикувачи и зошто тие ве тргаат од колосек може да ви помогне да се надминете себеси пред да ја изгубите смиреноста пред вашето дете. “, вели психологот.
Не заборавајте да се извините
Тешко е да се биде совршен, па ако ви се случи да му викнете на детето, извинете се.
„Извинувањето е неверојатно лековито и терапевтско. Мислам дека една од најдобрите работи што детето може да ги слушне од родител е изјавата како:
„Извини, не сум совршен/а“. Бидете јасни за што се извинувате “, додава психологот.
Со извинување, вие му моделирате добро однесување на вашето дете – му покажувате како да се однесува при испад на нервоза. Исто така, го поканувате да ги именува и да ги сподели своите емоции, што може да му помогне да развие емоционална интелигенција.