Подрачја на Украина и Русија синоќа беа осветлени од поларната светлина – од доста силни зелени, црвени, портокалови и виолетови бои – можеби највпечатливи последниве години, поради поголемата активност и емисии на честици од Сонцето. Снимки од тој феномен беа објавени на интернет и во руските медиуми.
„Аурора бореалис“ во текот на ноќта осветли делови од Сибир, Урал, југозападна Русија и Украина.
Ренесансниот астроном Галилео Галилеј го смислил називот „Аурора бореалис“ во 1619 година, именувајќи го феноменот по римската божица на зората, Аурора и хеленскиот бог на северниот ветер, Вореус. Оваа појава се случува за време на геомагнетни бури, кога нарушувањата во магнетното поле на Земјата доведуваат до познатиот светлосен спектакл. Тој обично е највидлив во областите близу магнетните Северен и Јужен Пол на Земјата, поради што и се нарекува поларна светлина.
При оваа појава, светлоста се создава кога наелектризираните честички од Сонцето продираат во атмосферата на Земјата и се судираат со молекули на гас што предизвикува фотони на светлина. Кислородот произведува зелено светло, а азотот – црвено.
Списанието „Њу сајентист“ (New Scientist) во септември објави дека се очекува поларната светлина да биде посилна оваа година отколку најмалку едно десетлетие претходно, поради зголемената Сончева активност.