Саудискиот Ал Наср денеска му гостува на иранскиот гигант Естехлал во првиот осминафинален натпревар од азиската Лига на шампиони, а ќе биде значително ослабен.
Тренерот на Ал Наср, Стефано Пиоли, ги одведе сите расположливи играчи на гостувањето во Техеран, освен ѕвездата Кристијано Роналдо.
Роналдо е здрав, но остана во Саудиска Арабија од правни причини.
Имено, според иранскиот закон, Роналдо се соочува со казна од 99 удари со камшик за потег што го направи во септември 2023 година, пренесува шпанскиот весник Marca.
Ал Наср тогаш му гостуваше на Персеполис, а илјадници луѓе се собраа пред нивниот хотел во Техеран за да го видат Кристијано.
Роналдо им рекол на чуварите да ја пуштат во хотелот Фатеме Хамами Насрабади, иранска сликарка која и покрај нејзиниот хендикеп, создава уметност сликајќи со нејзините нозе.
Таа му подари два портрета од него што ги насликала, а тој ѝ го подари својот дрес во знак на благодарност.
Ја прегрнал неколку пати, а потоа ја бакнал во глава, поради што сега во Иран не може неказнето да влезе.
Имено, според шеријатскиот закон, жена може да ја бакне само нејзиниот сопруг, а казната за бакнеж од друг е 99 удари со камшик.
Бидејќи Роналдо не смее да влезе во Иран, Ал Наср побара од Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) натпреварот да се игра на неутрален терен, но за тоа им требаше дозвола од Естехлал, кој категорично одби.
Денеска од 17 часот се игра натпреварот Естехлал – Ал Наср, а се очекува стадионот „Азади“ да биде преполн и да се пополнат сите 78.000 места. Директниот пренос за територијата на Македонија ќе оди на Sportklub 1.