На иницијатива на Амбасадата на Северна Македонија во Романија, лекторката по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Букурешт, Елена Ѓорѓиовска и филологот по романски јазик и книжевност Теа Теохаревска-Иванова, годинава во фокусот на одбележувањето ќе биде 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.
На настанот за првпат ќе се читаат и нови препеви на поезијата на Шопов на романски јазик во препев на студентите од Лекторатот за македонски јазик. Ќе биде прочитана и поезија од други македонски и романски поетеси и поети, на македонски, на романски и на англиски јазик.
Во организација на „Слоу Фуд Македонија“, во рамки на настанот ќе биде реалзирана и дегустација на македонски вина и сирења од малите македонски производители. Ќе биде прикажан и туристички филм за Скопје, во продукција на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Денот на македонскиот јазик во Романија – 8 Декември, се одбележува од 2018 година. Датумот е поврзан со денот кога Македонската православна црква го одбележува својот патрон „Св. Климент Охридски-Чудотворец“, кој е прв македонски архиепископ, творец на Охридската книжевна школа и најзначаен македонски средновековен писател и педагог.