Свет

Првите дипломати на западните и блискоисточните земји на средба со новиот сириски колега во Ријад

Министрите за надворешни работи и највисоките дипломати од западните и блискоисточните земји се состануваат денеска во саудискиот главен град Ријад со новиот сириски министер за надворешни работи на првиот ваков регионален состанок за Сирија по соборувањето на претседателот Башар ал Асад, минатиот месец.

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, утринава пристигна во Ријад пред средбата со нејзиниот нов сириски колега Асад Хасан Ал Шибани. Се очекува во разговорите да се приклучи и шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, се наведува во соопштението од британското Министерство за надворешни работи.

За денешната средба во Ријад се присутни и министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин, Ирак, Јордан, Либан и Турција, како и претставници на Европската унија и на САД.

Се очекува да присуствуваат и други високи арапски и западни претставници.

Асад беше соборен со молскавична бунтовничка офанзива на 8 декември, а исламистичките бунтовници предводени од милитантната група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) поставија привремена влада која го именуваше Шибани за министер за надворешни работи.

-Дискусиите во Ријад ќе бидат предводени од Арапите и ќе се фокусираат на следните чекори што меѓународната заедница може да ги преземе за да ги поддржи привремените сириски власти, вклучувајќи ги и механизмите за повикување на режимот на Асад на одговорност за воените злосторства што ги изврши врз сирискиот народ, се наведува во соопштението на британското МНР.

Средбата е прва на која ќе учествуваат новите сириски владетели и највисоките западни функционери, а ќе ја води Саудиска Арабија.

Денешната конференција доаѓа во време кога новата сириска администрација бара укинување на западните санкции за да се овозможи прилив на пари од меѓународните фондови во Дамаск.

Во последните денови, Германија, Италија и Франција се залагаа за олеснување на санкциите на ЕУ кон Сирија, но конечната одлука може да дојде само од целиот блок.

To top