Тетовскиот универзитет го отпушти Артан Груби. На работа не се појавил три дена по ред, па на крајот од минатиот месец добил отказ..Деканот на Правниот факултет се обидел да го контактира преку електронска пошта, ама Груби не одговорил на пораката, пренесува Сител.
„Од 24 декември му е трајно прекинат работниот однос на универзитетот. Отказот му е пратен по имејл, а во писмена форма испратен и на домашната адреса“, изјави Сафет Емрули, Декан на Правен факултет – Тетово.
На официјалната интернет страница, Груби е се уште дел од наставниот кадар, заедно со неколкумина сопартијци од ДУИ. Вработен од 2012 година како професор по новинарство, на професијата се вратил изминатото лето.
Откако се најде на црната листа, Форумот за образовни промени побара отказ за Груби. Лице посочено за корупција, нелогично било да е дел од наставен кадар во држава која се бори со корупцијата.
„Ако гледате во реакцијата на Тетовскиот универзитет се вели дека поради отсуство од предавањата Артан Груби нема да продолжи да биде веќе професор, секако сметам дека не е само тоа причина, туку клучно е што имаше реакција од јавноста, вие како медиуми и ние како невладин сектор, тој да не биде повеќе на тоа работно место токму поради фактот што е ставен на црната листа“, изјави Бленди Ходаи, Директор на Форум за образовни промени, пренесе Сител.
Американските власти го ставија Груби на црна листа заради корупција и мешање во судски процес против екс директорот на УБК. Во меѓувреме, обвинителството откри дека преку Државна лотарија незаконски набавил апарати за коцкање и го сомничи за криминал тежок 8 милиони евра. Од тој момент Груби стана недостапен за полицијата и се бара со меѓународна потерница, пренесе телевизијата.