Размислуваме за неколку потези што ќе ги преземеме после празниците затоа што и покрај најавите дека се поминати оние синдроми на анксиозност, дијареја, грчеви, покачена температура, се уште гледам дека тие процеси траат кај одредени обвинители и судии, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека граѓаните мора да добијат правда.
-Граѓаните ја очекуваат правдата и ние планираме ваков тип на акции во периодот којшто следи да преземеме затоа што граѓаните очекуваат правда, рече Мицкоски во одговор на прашањето дали се планира смена на членови на Судски совет преку Собранието, дадено по поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во населено место Црешево во Општина Гази Баба.
Порача дека не се доволни само акциите кои ги презема МВР во борбата против криминалот и додаде дека сите институции треба да се вклучат во тоа.
-Не се доволни само акциите на МВР иако ќе кажам дека тоа беа историски акции коишто досега се незапаметени, коишто ги направи МВР и БЈБ и СВР Скопје, АНБ, но гледаме дека понатаму како работите да не одат во оној правец во којшто граѓаните очекуваат да одат. Како Влада преку МВР ќе продолжиме да се бориме, но очекуваме целата оваа состојба да биде комплетна откако и другите институции ќе ја разберат важноста дека правдата мора да ја добијат граѓаните и дека мора да биде подеднаква за сите, посочи Мицкоски.