Три закони од областа на образованието денеска го поминаа комисискиот филтер. Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт дадоа поддршка за Предлог законот за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија, Предлог законот за Националната рамка на квалификации и Предлог законот за учебници во основно и средно образование кои се проследуваат на натамошна постапка.
За Предлог законот за учебници во основно и средно образование во второ читање беа поднесени вкупно 13 амандмани од кои дел повлечени, а дел отфрлени. Беше прифатен само еден амандман од ВМРО-ДПМНЕ со кој се предвидува учебникот да не смее да содржи рекламни пораки, огласи или содржини кои промовираат дискриминација по било која основа за дискриминација предвидена во Законот за спречување и заштита од дискриминација.
За Предлог законот за Националната рамка на квалификации беа поднесени неколку комисиски амандмани кои не добија поддршка, а за Предлог на законот за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија не беа поднесени амандмани.