Влезот во Кавадарци од правец на Неготино, кој е доста фрекфентна сообраќајница е реконструиран. Увид на местото денеска извршија кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
-Всушност, реконструиран е дел од регионален пат со проширување и ставање во функција на три наместо две ленти за сообраќај, простор што не бил реконструиран со години, рече Јанчев.
Трајановски додаде дека јавното претпријатие го реализирало овој проект како еден од клучните за Кавадарци, а е под надлежност на претпријатието.
Беше појаснето дека удел во реализацијата на овој проект, покрај претпријатието, имала и локалната самоуправа. Беше истакната заедничката соработка и на други важни проекти.
Претседателот на Општинскиот Совет, Стојанче Рамов рече дека Кавадарци е општина за пример во државата, околу тоа како добро координирано функционираат локалната самоуправа и сите советници во Советот на Општината, кога станува збор за проекти што се заеднички интерес на сите жители.