Оружје скриено во еден објект пронашла полицијата рано утринава во околината на Арачиново. Според првичните информации, запленети се 11 парчиња автоматско оружје, а се проверува поврзаноста со криминалната група од Арачиново чии членови беа приведени неделава. Се проверуваат и траги од ДНК и отпечатоци.
Од МВР за Курир ја потврдуваат акцијата, но повеќе детали најавуваат по завршување на истата.
-Во тек е полициска акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР. Извршени се претреси на повеќе локации, во моментов се продолжува со дел од претресите. Повеќе информации ќе бидат соопштени по завршување на истата, велат од Министерството.
Јавен обвинител пред два дена донесе наредба за спроведување истражна постапка против 18 лица членови на бандата Беланоца – Барон, за кои, како што информираа од ЈОРСМ, постои основано сомневање дека 14 лица како нарачатели, помагачи или директни извршители, сториле кривични дела убиство, од кои 12 лица се осомничени и за кривично дело злосторничко здружување, додека петмина и за кривично дело тешки дела против општата сигурност.
Другите четири лица се товарат за кривично дело изнуда.