Поранешниот директор на Државната Лотарија, Прпарим Бајрами, за свој застапник пред судот го одбрал адвокатот Антонио Апостолски од Скопје.
Вчера преку близок роднина на адвокатот Апостолски му било предадено полномошно лично потпишано од осомничениот Бајрами, за кого судот определи мерка притвор. Но, пред судот адвокатот изјавил дека нема информација каде се наоѓа неговиот клиент.
Се шпекулира, како и за Артан Груби, дека и Перпарим Бајрами е избеган на Косово или во Албанија.
И Груби веќе ангажирал адвокат и тоа Владимир Доневски, поранешниот адвокат на Драги Рашковски.
Вчера Кривичниот суд го прифати барањето на Јавното обвинителство за определување на мерка притвор на двајцата осомничени во случајот со Државната лотарија, поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на Државна лотарија.
„Мерката ќе се спроведе во моментот кога осомничените ќе бидат достапни на органите на прогонот или доколку во меѓувреме самите се пријават во Судот“, информираат од Кривичниот суд.
Судот одлуката ја донесе врз основа на предлогот на Обвинителството, кое оцени дека постои основан ризик од бегство на осомничените или од нивно влијание врз текот на истрагата. Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за објава на национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница.
Од МВР информираа дека во текот на денот ќе известат за распишаните потерници.