До овој момент нема никаква реакција од претседателот на ДУИ Ахмети за својот најверен сопартиец Груби. Единствено од коалицијата Европски фронт се јави Зијадин Села, кој им порача на Груби и Беџети да се повлечат од јавниот живот и политиката и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани.
„Алијансата за Албанците во континуитет е еден од политичките актери кои јавно ги осудуваа врските на судството со политиката и олигархијата, затоа и денеска ја поздравуваме одлуката на САД, најважниот стратешки партнер на РСМ и албанскиот народ. Борбата против корупцијата означува важен чекор во градењето на владеењето на правото и нашата иднина. Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот и да се соочат со обвиненијата како слободни граѓани“, напиша Села.
Од ДУИ се јавија со ултра-штуро соопштение: „Како партија, остануваме посветени на стратешката соработка со Соединетите Американски Држави и на зајакнување на демократските вредности и транспарентноста“.
Американската Амбасадорка Анџела Агелер која во минатото секогаш јасно потенцираше дека во земјата има пандемија од корупција и дека истата треба да биде спречена, по одлуката на Стејт Департментот уште еднаш порача дека оваа одлука е доказ дека политичкото мешање не може и нема да се толерира, потенцирајќи дека никој не е над законот.
„Денешното именување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може – и нема – да се толерира. Соединетите Држави ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и ја нарушува довербата на јавноста. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок“, се наведува во објавата на Агелер на Фејсбук.
Ставањето на Груби за персона нон грата на САД само ги потврдува обвинувањата на тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која постојано говореше за вмешаност на Груби во незаконски дејствија.
За потсетување на јавноста, претходно и градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко од ДУИ се најде на црната листа на САД, поради значајна корупција и мешање во судски процеси. Но, ни тогаш од ДУИ не се оградија од Мерко.
Дали Ахмети сега ќе се огради и ќе го наговори Груби да се повлече од политиката, останува да видиме, но повеќе од очигледно е дека ДУИ ја губи поддршката и кај народот, со оглед дека ова е втор близок партиски функционер од ДУИ кој е непожелен за САД.
Факт е дека најблискиот соработник на лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, Артан Груби од вчера е на црната листа на Соединетите Американски Држави.
Како што соопштија од Стејт Департментот се воведуваат санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција во предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Но, покрај нив, за непожелни во САД се впишуваат и членовите на семејството на Груби и Беџети.
Груби на политичката сцена важи за еден од најарогантните политичари, чие име се поврзува со многу афери, како што беа инцидентите на Кале подгревање на етнички тензии и употреба на говор на омраза, инцидентот во М-НАВ, палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме на 22 ноември, а се поврзува и со бројни криминални скандали за кои до ден денешен нема никаква правна разрешница. Сомнеж за влијание на Груби врз судски одлуки фрли и изјавата на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми која минатата година кажа дека трпи политички притисоци, а потоа беше разрешена од позицијата. Иако воопшто не спомна од кој добива политички притисоци, Груби се пронајде во изјавата на Адеми па во едно гостување на национална телевизија 24 рече дека ДУИ не прави притисок врз Беса Адеми, како и дека се знаат од деца.
Груби во два наврати е избран е назначен за шеф на кабинетот на Али Ахмети, а за неговата блискост до лидерот на ДУИ говори и фактот што токму Ахмети во 2018 година му стана кум на синот на Груби.
Одлуката на Стејт Департментот за прогласување на непожелни личности за САД, Груби и Беџети ја поздрави владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која преку соопштение порача дека со ставањето на Груби и Беџети на црната листа на САД се докажа партизираноста во судството.
Лажниот патриотизам на ДУИ се докажа, Артан Груби ставен на црна листа на САД. Со ставањето на Артан Груби на црна листа на САД, заедно со судијата Енвер Беџети, се докажа партизирањето на државата од страна на ДУИ. Енвер Беџети судијата кој го држеше случајот за Мијалков во фиока, ја докажува партизираноста на судството. Судиите подржани од Артан Груби и ДУИ, полека завршуваат на црната листа на САД, заедно со членови од ДУИ. Артан Груби и Енвер Беџети, како и други членови на ДУИ кои се на црната листа на САД, се срам за државата, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Со реакција се јави и Груби кој рече дека одлуката на Стејт Департментот ја дознал од медиумите, како и дека истата го засега лично и директно
-Како човек кој мојот јавен живот го посветив на заштита на западните демократски вредности и кој секогаш работев напорно за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично. Ќе се ангажирам со сета своја посветеност и максимално, заедно со нашите пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме низ годините за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го обелиме ова прашање. Транспарентноста и посветеноста на демократските вредности и понатаму ќе бидат главен столб на секое мое дејствување, напиша Груби на фејсбук профилот.
Доцна во ноќта со реакција се јавија и од опозициската СДСМ, која ја поздрави одлуката пишувајќи дека сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани.
Сите сомнежи за корупција мора да бидат истражени и санкционирани без компромис од страна на правосудните органи во Северна Македонија. Го охрабруваме целиот правосуден систем во државата да работи посветено и без двоумење на расчистување со сите форми на криминал и корупција, со цел да обезбеди праведност и еднаквост за сите граѓани, се вели во штурото партиско соопштение на СДСМ.