Франција ги намалува субвенциите од државата за купување за електрични автомобили, од максимални 7.000 евра на максимални 4.000 евра со моментално стапување во сила, јави ДПА.
За домаќинства со средни до високи приходи, субвенциите за купување ќе изнесуваат 3.000 евра, односно 2.000 евра, најави владата.
Во 2025 година, купувањето на електрични автомобили ќе биде субвенционирано со вкупно 700 милиони евра, додека за оваа година за субвенции се предвидени 1,5 милијарди евра.
Пазарниот удел на електричните возила во продажбата на нови автомобили во Франција изнесува 17,1 отсто од почетокот на годината, што е над европскиот просек, според официјалните податоци.
Владата изјави дека програмата за лизинг на електрични автомобили, која започна во 2024 година, ќе продолжи.
Во рамки на оваа програма, државата ги дава на лизинг автомобилите по цена од само 100 евра месечно. Оваа понуда е наменета за луѓе со ниски приходи кои зависат од автомобил за работа и кои живеат најмалку 15 километри од местото на работа.
Околу 50.000 домаќинства – многу повеќе отколку што се очекуваше – досега ја искористиле оваа понуда за лизинг.
Владата најави дека точните детали за новото издание на понудата за следната година се уште се работат.