Изјавата на Венко Филипче, неврохирургот на Заеви е уште еден обид за манипулација со јавноста и продолжување на политиката на двојни стандарди. Наместо да се соочат со реалноста дека нивното владеење остави институции потонати во корупција, непотизам и партизација, сега се обидуваат да го префрлат вниманието преку лажни обвинувања, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски се обврзани на реформи кои ќе ги вратат институциите на граѓаните и ќе обезбедат вистинска деполитизација и професионализација. Вистината е дека токму во време на СДСМ, институциите беа заложници на партиски интереси, а довербата на граѓаните во системот достигна историски најниско ниво.
Наша цел е градење транспарентен и одговорен систем кој ќе биде во служба на граѓаните, а не на партиите. Со реформите кои ги воведуваме, Советот за граѓански надзор ќе биде столб на независност и професионализам, за разлика од контролираниот хаос што го остави СДСМ.
Обвинувањата за ‘мрачно враќање’ се чиста демагогија од страна на тие кои беа синоним за неуспеси, блокади и скандали. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи на враќање на довербата на граѓаните и зајакнување на демократијата, наместо да ја користи како алатка за евтини политички поени, како што тоа го прави опозицијата, стои во партиската реакција.
Претходно, претседателот на СДСМ Венко Филипче обвини дека има партизација наместо деполитизација, а оти Мицкоски се враќа на режимските практики.
-Како претседател на СДСМ, чувствувам должност да предупредам за сериозната опасност која ја носат последните одлуки на Владата на Мицкоски. Само пред еден ден, слушнавме големи зборови за деполитизација и департизација на институциите, а денес гледаме целосно спротивно – брутална партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите. Ова тело, кое треба да биде столб на независност и заштита на правата на граѓаните, сега се претвара во алатка за партиска контрола и злоупотреба.
Ваквата лицемерност на Владата е опасна за демократијата и ја враќа земјата назад во мрачните времиња на режимскиот систем, кога безбедносните структури беа под целосна партиска контрола, а правата на граѓаните беа системски кршени. Мицкоски не само што ги изневерува своите ветувања, туку и директно ги загрозува темелите на демократскиот поредок.
СДСМ нема да остане нем набљудувач. Ќе ја информираме меѓународната заедница за оваа скандалозна партизација и ќе преземеме се што е неопходно за да ги заштитиме граѓаните и институциите од оваа партиски брутален напад. Македонија заслужува независни и професионални тела, а не репродукција на режимски практики, рече Филипче.