Најавата од Владата за вклучување на МАНУ во изработка на сеопфатен проект од кој ќе произлезат приоритетни документи за развој на државата до 2050 година, за претседателот на Академијата, Живко Попов, значи поддршка, валоризирање и искористување на кадровскиот капацитет и советодавна улога на Академијата во креирањето на политиките на државата за клучни општествени прашања од национално значење.
-Намерата за ревитализирање на конекцијата меѓу МАНУ и врвот на државата заслужува посебно внимание во услови на сѐ позабележливо отсуство на основните вредносни параметри врз кои се гради општествениот систем. Оттука, во оваа пригода, во мое и во име на МАНУ особено би сакал да упатам срдечна благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, за безрезервната поддршка на Академијата, рече Попов во обраќањето по повод Денот на МАНУ.
Потсети и на Националната развојна стратегија на земјава за периодот 2024-2044, усвоена со консензус во Собранието, на која, рече, напорно се работело во изминатите неколку години, а во нејзината подготовка МАНУ соработувала со домашни и меѓународни институции.
-МАНУ е клучна институција којашто во иднина ќе го следи процесот на имплементација на Стратегијата. По најавата на премиерот Мицкоски за потребата од поголемо вклучување на МАНУ во изработка на визијата за долгорочен развој на земјата, МАНУ е во фаза кога, во соработка со Владата, поконкретно ќе ги дефинира обврските на Академијата во реализацијата на Стратегијата и во евентуалното нејзино надополнување со развојните трендови до 2050 година, додаде Попов.
Посочи дека посебно внимание ќе се посвети на најзначајните приоритетни прашања кои се од посебно значење за долгорочниот развој на земјата, а особено, како што рече, „многубројните проблеми во образованието и науката, каде би се дефинирале потребите на државата од научно-истражувачки центри и лаборатории во различни научни сфери, при што би се финансирале пред се научно-истражувачки програми и проекти поврзани со развојот на Македонија“.
-Понатаму тука се и демографските предизвици, комплексните проблеми во сферата на владеењето на правото и реформите во правосудниот систем, реформите во здравствениот и пензискиот систем, земјоделскиот, технолошкиот развој, енергетскиот и транспортниот развој, развојот на културата и уметноста итн, рече претседателот на МАНУ, додавајќи дека тоа претставува амбициозна програма за работењето на МАНУ, во соработка со универзитетите, научните институти и другите научни институции.
Во обраќањето посветено на Денот на МАНУ и одбележување 57 години од нејзиното формирање, Попов кажа и дека од почетокот на мандатот на актуелното раководство, во јануари годинава, имале „тежок и комплексен период“ во работењето. Претседателството било соочено „со предизвикот да го решава наследениот повеќедецениски горлив проблем во врска со ниските и неусогласени плати на вработените во МАНУ“. Тоа резултирало со реактивирање на штрајкот на Синдикалната организација при МАНУ во времетраење од речиси два месеца, што, рече, „значително го отежна институционалното работење на Академијата“.
-Со максимална рационализација на своите институционални потреби во текот на 2024 година, преку пренамена на средства од други расходни ставки, Академијата, со прифатлива солуција од расположливите правни механизми, ја доуреди методологијата за пресметка на плата, нивелирајќи ги платите на вработените во МАНУ со платите на вработените во сите високообразовни и научни установи, иако тековно како привремено решение, но перспективно, до донесувањето на единствено прифатливото законско и системско решение, соопшти Попов.
Во оваа пригода тој се осврна и на реализацијата на програмските активности на МАНУ во тековната година кои, како што рече, опсежно ќе бидат сумирани на Редовното годишно собрание на МАНУ што ќе се одржи на крајот на февруари 2025 година.