Карциномот на дојка е втора причина за смртност во светот. За тоа колку е важна личната одговорност на жената, самопрегледот, но и скрининг програмата, разговаравме со м-р. д-р Светлана Темелковска, специјалист радиолог и претседател на Националната комисија за рана детекција и скрининг за рак на дојка.
Месец октомври се одбележува борбата против ракот на дојката. Иако тоа беше минатиот месец, никогаш не е премногу да се разговара за оваа тема. Со какви бројки располагате, каква е состојбата со оваа болест во Македонија?
Темелковска: Месец октомври е месец за подигнување на свесноста за ракот на дојка на неговата инциденца, најчесто малигно заболување. Исто така е втора причина за смртност не само кај нас, туку и во светот. Бројките кај нас се слични на бројките во Европа. Од минатата година се прави реална статистика со собирање и обработка на податоците кои ќе бидат објавени до крајот на годината од Институтот за епидемиологија во соработка со Институтот за јавно здравје, каде би ги имале реалните и точните податоците, но тие се движат во рамки на годините наназад со тоа што сега ќе бидат ставени и на хартија, официјално презентирани на Министерството и населението. Нашата цел како комисија е да имаме активности цела година, да не го чекаме само октомври, ова е добро продолжение на тоа што го почнавме.
Во 2015 година започна скрининг програмата за рано откривање на ракот на дојка. Девет години подоцна, какви се резултатите од оваа програма и колку жените се јавуваат на повикот за преглед?
Темелковска: Во 2015-2016 се поставија некои темели за скрининг програма затоа што тоа е процес кој не можете преку ноќ да го планирате, остварите како што треба и како што е согласно сите други европски земји. На пример, скринингот во Скандинавија почна во ’72, но дури во ’85-86 им беше поставен како што тие сакаа да биде. Ние почнавме, во меѓувреме имаше смена на министри, делумно заради политиката на тогашниот министер, делумно заради ковидот имаше прекин во скрининг програмите, не беа прегледани воопшто доволен број на жени скоро седум години. Ние кога продолживме, наидовме на многу сериозни проблеми воопшто во закажувањето на прегледи во Мој термин, во самата едукација на жените и на матичните доктори, па можеби и на радиолозите. Поставивме многу големи задачи, првата задача што мораше да се направи е поделба на навидум здрави жени кои би оделе во скрининг програмата, на жени кои имаат клиничка потреба, имаат грутка, или жени оперирани од карцином да можат да стигнат до термин во системот Мој термин затоа што ние до пред две години имавме полн систем Мој термин со здрави жени, каде болните не можеа да стигнат до термиин. Се уште не сме таму каде што сакаме и треба да бидеме, процес каде сите мора да учествуваат. Имаме се уште проблеми дел со матичните доктори, делумно со самите жени и со Мој термин кои тековно ги решаваме во вид на трибини, разговори, посети. Во план ни се разговори со новите директори на болниците, но пред се матичните доктори, а трибини со жени ќе има и со ваша помош како медиуми.
Која возраст се препорачува за жената да ја направи првата мамографија?
Темелковска: Возраст препорачана во повеќето земји во светот е од 40-тата година да се почне со првата мамографија доколку немате некаква клиничка слика. Целта наша понатаму, за можеби две-три години, е да направиме мали модификации на жени што имаат мајка или сестра со карцином на дојка. Сега за сега препораката е жена од 40 до 44 години има можност сама да се пријави во скрининг програмата, а жени од 45 до 69 или сами се пријавуваат или се повикани од системот Мој термин по случаен избор по однос на нивната возраст.
Она што Вашите пациенти многу често го истакнуваат е дека постојано ги советувате и потсетувате е самопрегледот? Колку жените во Македонија имаат самосвест за самопрегледот и зошто е важен?
Темелковска: Три работи го продолжуваат животот на жената. Првата е месечниот самопреглед, кој е многу потценет. Важноста на самопрегледот е многу потценет кај жените, не можам, не знам, заборавам е неприфатливо. Ако имаме на ум дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување, треба да почнеме еднаш во месецот да си посветиме неколку минути на дојките. Тоа е кога има клинички знаци, кога таа знае дека нешто се случува. Скринингот е тој кој е одговорен, ние како радиолози кои работиме во скрининг програма сме одговорни да го најдеме ракот пред жената да знае дека има некоја промена. Третото е соодветната терапија на онкологија, доколку жената стигне до онколошка терапија. Со скринингот се намалува бројот на жени на кои им е потребно онколошка терапија. Месечниот самопреглед треба да стане навика кај сите жени после 20 година.
Важен дел од целиот процес за раната детекција е и медицинската опрема. Има ли земјава доволно модерна медицинска опрема, потребно ли е вложување во овој дел? Се соочувате ли како доктор со некој предизвик кога станува збор за опремата?
Темелковска: Една од небулозите во нашата држава е и опремата во однос на кадар. Имаме апсолутно најсовремена опрема. Ние на Институтот за радиологија добивме и нов мамомат за да го работиме скринингот, меѓутоа останавме само на еден мамомат, имаме само една амбуланта, а работиме само две докторки. Мислам дека треба да се направи подолгорочен план, каде ќе се направи една анализа што имаме од кадар и опрема, што треба да се направи, една поделба на кадар. Можеби ако немате радиолог во едно мало место, а имате нов мамомат, тој да се пресели некаде каде има поголема потреба. Една пореална поделба на апаратура и кадар и едно планирање за иден кадар, бидејќи ние што работиме сме по 50-тата година, треба да се инвестира во младите. Ракот на дојката, мамографиите и ехата, биопсиите и магнетите на дојка, не се учат за еден ден. Тоа е процес за кој треба да се размисли да се едуцираат младите колеги, да можат да имаат доедукација кои во иднина би можеле да работат скрининг.
Ваш совет до жените, како доктор и како жена.
Темелковска: Ќе почнам како жена, сите ние имаме посебен мотив да го работиме ова. Мојот мотив е баба, тетка и братучетка со рак на дојка, најголем мотив е мојата ќерка која има 27 години и што нејзе би и советувала да прави во однос на генетиката или воопшто во однос на инциденцата на ракот на дојка. Не знаеме зошто некои жени имаат рак на дојка, некои жени се првата мутација, некои жени имаат семејна анамнеза. Како пациент, можам да кажам дека правам редовни мамографии, ја учам ќерка ми како да прави самопреглед. Самопреглед кај мене е навика од многу рана возраст и сакам да се пренесе тоа кај сите. Сите девојчиња по 20-тата година да научат да прават самопреглед, а по 40-тата мамографија. Како радиолог апсолутно ги молам жените, знам дека државното здравство е далеку од тоа што треба да биде, меѓутоа исто така знам дека доколку жената се пријави во скрининг програмата и има некоја промена, ние и креираме упати, ние и правиме биопсија, ние ја испраќаме на торакална хирургија. Времето на чекање нема да е повеќе од 30 дена за жените кои имаат карцином најден во скрининг. Ги молам жените да веруваат во државното здравство, не е едноставно, не е одма процес, меѓутоа поевтино е, солидно е, стручно е. Ако се пријават во скрининг програмата, патот до лекување е однапред трасиран и одреден од врвни доктори.
Пријавувањето за скрининг мамографија се одвива преку веб страницата skrining.zdravstvo.gov.mk и прегледот е бесплатен. Општи информации за скрининг програмата може да добиете на телефонските броеви 071 415 872 и 072 262 984.