Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Чешката Република оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешка.
На средбата присуствуваше и чешкиот амбасадор Јарослав Лудва.
Претседателот на Групата, Блерим Беџети, ја искористи пригодата да честита за јубилејните 30 години дипломатски односи помеѓу нашата земја и Чешка, меѓусебно почитување и поддршка. Во таа насока изрази уверување за поинтензивна соработка меѓу Групите за соработка на двата Парламента во периодот што следува.
Беџети ја истакна стратешката цел на земјава – полноправно членство во Европската Унија и во таа насока значајната чешка поддршка и искуства на тој пат. Од гостинската делегација ја потврдија поддршката, за што говори и формирањето на Групата за соработка со нашата земја во 2019 год.
Беше констатирано дека дискусијата е најзначајниот метод за зачувување на одличните односи, а има многу основи и теми за разговор помеѓу двете пријателски земји. Во тој контекст да се иницираат повеќе вакви средби во иднина за приближување на народите на повеќе полиња, како култура, образование, наука, економија, туризам.