На денешен ден, пред 80 години македонскиот јазик е прогласен за службен јазик. Но прашањето кое се поставува е – во каква состојба е денес македонскиот јазик? Каде е нашиот јазик сега, по 80 години?
За ова прашање, КУРИР побарав став од академик Катица Ќулавкова, која вели дека се намалува бројот на говорители на македонскиот јазик во самата матична држава Македонија.
Македонскиот јазик денес, потенцира Ќулавкова, се соочува со повеќе предизвици.
-Се намалува бројот на говорители на македонскиот јазик во самата матична држава Македонија. Пoд една страна, Македонците масовно се раселуваат по светот и младите генерации таму се отуѓуваат од мајчиниот јазик. Од друга страна, младите македонски Албанци не го учат, не го говорат, не покажуваат интерес за истото. И самите најмлади Македонци во Скопје посегнуваат по конверзација и комуникација на англиски. Добар дел од локалните институции (администрацијата) не го користат соодветно македонскиот јазик. Не постои морален и интелектуален сензибилитет / свест за убавината и неопходноста од познавање на македонскиот јазик меѓу македонските граѓани. Под итно треба да се донесе закон за задолжително учење и познавање на македонскиот јазик како државен јазик од страна на сите нејзини граѓани и државјани. Не може да се добие државјанство и работа во администрацијата ако некое лице не го познава солидно македонскиот јазик, подвлекува академик Ќулавкова за КУРИР.
Од државниот буџет, според нејзе, не се финансираат ни доволно ни соодветно на потребите, па ни на поранешната практика, за учење, студирање, за опстанок на лекторатите, како ни за научно проучување на македонскиот јазик.
-Интересот за студирање на македонскиот јазик на Универзитетите се намалува видливо и брзо, а не се преземаат соодветни мерки. Мотивацијата за студирање македонски јазик се намалува и поради малите перспективи за вработување или ниските плати на македонистите, лекторите и др. Порталите и другите медиуми (телевизијата) не негуваат/не рактикуваат доволно одговорен однос спрема јазичниот квалитет на текстовите. За тоа придонесува и можноста за автоматски превод од други јазици на информации и текстови од странство, без да бидат дадени истите на лектура и коректура…, вели Ќулавкова и додава:
„Колоквијалниот јазик на социјалните мрежи нагло се англицизира, стручните преводи не покажуваат интерес за калкирање на варваризмите/странските зборови и тоа го прави македонскиот јазик хибриден во лексичка смисла, па и во синтаксичка. Брзите преводи на учебниците и стручната литература, како и на белетристиката предизвика одбивност кај читателите, па таа владина инвестиција не ја оствари почетната цел. Младите ги туркаме со слаби преводи кон користење странска литература… Постоењето два неусогласени закона за јазиците во Македонија и за македонскиот јазик генерира дополнително сериозни пречки во употребата и практикувањето на македонскиот јазик во државата и нејзините институции, во голема мера на штета на македонскиот јазик.
Според академик Катица Ќилавкова, треба да се зголеми бројот на часовите по македонски јазик (одделно од часовите по литература) во основните и средните училишта, да се започне со увод во познавање на македонскиот јазик уште во предучилишните инситуции (градинките), како и задолжително и квалитетно учење на македонскиот јазик на факултетите (реторика, стилистика, граматика).
-Треба да се подобри финансирањето на проектите во областа на македонистиката и лингвистиката на МАНУ и на другите институции. Треба да се воведат и современи облици на усовршување на познавањето на македонскиот јазик на интернет платформите за заинтересираните во и надвор од Македонија. Треба да се предвидат образовни јазични политики за Македонците во сосоедството и достап на македонските медиуми (Радио, ТВ и др.) до нив, потенцира Ќулавкова.