Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изрази одобрување по медиумските извештаи дека американскиот претседател во заминување Џо Бајден ѝ дозволува на Украина да користи американски ракети со долг дострел против одредени цели во Русија, пишува во понеделникот германската агенција dpa.
Говорејќи за германското радио Rbb, Бербок ја подвлекла „важноста да ѝ се дозволи на Украина да ги неутрализира заканите на нивниот извор“.
„Украинците не треба да чекаат ракетите да ја преминат границата, тие треба да можат директно да ги уништат местата за лансирање“, рекла Бербок, како што опишува dpa мислејќи на принципот на самоодбрана.
Бербок, од редовите на германските Зелени, рекла и дека нејзината партија во ова прашање се согласува со источноевропските партнери, како и со британската, француската и американската влада.
Меѓутоа, во меѓувреме парискиот весник Le Figaro ja повлече информацијата дека Франција и Велика Британија, исто така, ѝ дале дозвола на Украина да ги користи нивните наведувани проектили со долг дострел SCALP/Storm Shadow да гаѓа цели длабоко на руската територија.
Социјалдемократската партија (SDP) на германскиот канцелар Олаф Шолц не сака да му обезбеди на Киев оружје што ќе им овозможи на украинските сили да нападнат цели подлабоко на руска територија, како што се ракетите „Taurus“. Како што повеќепати објаснуваше Шолц, станува збор за високософистицирани наведени проектили за чиешто користење е неопходен добро обучуван кадар и сателитско-комуникациска инфраструктура што Украина ја нема, а тоа Германија би ја вклучило директно во војната против Русија.
Бербок ги истакнала „единствените“ предизвици со кои се соочува Украина, чии системи за противвоздушна одбрана стануваат неефикасни поради близината на руската граница и брзото дејствување на ракетите.
Според извештаите на медиумите, претседателот Бајден ја овластил Украина да користи ракети ATACMS за да ги брани сопствените сили, особено во руската Курска област, која беше делумно окупирана од украински војници.
Иако Пентагон и Советот за национална безбедност на САД одбија да ги коментираат извештаите, тие не ги демантираат.
Според претставниците на администрацијата во Вашингтон, првите удари во длабочина на Русија со ракетите ATACMS, веројатно ќе бидат изведени следните денови. Одлуката, по претходно ограничување на таквото користење на американските ракети, наводно Бајден ја донел по наводното и никогаш недокажано распоредување на „десет илјади“ севернокорејски војници во руската погранична област Курск кои наводно веќе стапиле во борби со украинските единици кои продреа во оваа област.
Меѓутоа, ниеден од изворите на западните медиуми не споменува кој би оперирал со ваквите софистицирани вооружени системи, а уште помалку како Украина би ги добивале координатите за целите во Русија со што САД би потврдиле дека се најдиректно вклучени во конфликтот и одговорни за руските загуби.