Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во своето гостување во емисијата „За или против” на телевизијата Алфа, кажа дека на рака се бројат проектите кои му остануваат и дека од објективни причини не се реализирани до сега и ќе бидат реализирани, дел до крајот на годинава и дел до средината на наредната година, но и дека она што ветил во изборната програма брои реализација од над 90% проценти.
Тоа, рече Ѓорѓиевски е нешто што не се случило никогаш, гледано хронолошки наназад, од постоењето на општина Кисела Вода.
– Во минатото ако градоначалниците во минатото имале реализација од 30%, граѓаните биле среќни, камо ли да се реализираат над 90%. Јас сум исклучително горд на тоа. Тоа бара енергија, бара сериозен фокус, макотрпна работа да една од најруинираните општини доведете да сега зборуваме за неколку улички што не сме ги доасфалтирале а имаме а имаме простор уште година и некој месец да ги доасфалтираме. Исто така, можеме да говориме и за бисерот на нашата општина и Скопје, спортската сала „Расадник”, која што за многу скоро со министерот Ристовски и премиерот Христијан Мицкоски ќе се појавиме на отпочнување на градежните активности и тоа е проект којшто со децении го очекувале нашите граѓани, рече тој.
„Можеме да говориме и за решена состојба во градинките, за училишта со доградби каде што дечињата ќе учат само во прва смена, понатаму за изградени детски катчиња, изградени спортски терени, за подземна инфраструктура, за населени места коишто трајно ги решивме да конечно во населени места не се говори за септички јами во 21 век, да не се говори за слаб притисок на вода, обезбедување на водоводна мрежа итн, рече Ѓорѓиевски.
Додаде дека деновиве кои следат ќе организира отчет на кој ќе ги презентира сите реализирани проекти и дека веднаш после тоа, започнува турнеја со неговиот тим низ населбите на кои заедно со граѓаните ќе се креира буџетот и приоритетите за наредната година.