Македонија анализа

„На некого му станува тесно во сопствената кожа“- Костов за паничните реакции на СДСМ и ДУИ по најавите за реформи во правосудството

И сега кога полицијата почна, еден по еден, да ги вади коруптивните предмети на политичарите од поранешната власт, на обвинителите, судиите и полицајците, замешани во висока инстуционална корупција (полицајци, царинарници, судии, обвинители, вработени во УЈП и сл.), и на виделина излегува дека забеганите политички, судски, обвинителски и полициски елити, биле до максимум коруптивни и криминогени, на некого му станува тесно во сопствената кожа, вели Костов.

„На некого му станува тесно во сопствената кожа“- Костов за паничните реакции на СДСМ и ДУИ по најавите за реформи во правосудството

Секојдневното продуцирање афери во изминативе години во правосудството е доволна причина на некого да му биде тесно во сопствена кожа. Ова го вели политичкиот аналитичар и поранешен јавен обвинител, Сотир Костов по најавите на премиерот Христијан Мицкоски за решителни реформи во правосудниот систем и жестока борба со инсталациите на СДСМ и ДУИ во обвинителството и во судството.

Костов за Курир ги анализира состојбите давајќи и свое видување на што се должат испаничените реакции на опозициските партии по изјавите на премиерот.

-Најпрвин за фактите: Во изминатите 7-8 години додека СДСМ и ДУИ во коалиција владееја со Република Македонија довербата на јавноста и граѓаните во судството (судовите и обвинителствата) се сведе најпрвин на 8%, потоа на 2%, за да на крајот се падне на тотална (целосна) недоверба. Овие факти и констатации се потврдени и од кредибилни и респектибилни меѓународни субјекти како ЕУ (Извештајот доставен пред 10 дена), Стејдепартментот на САД, Фридом Хаус, и секако Оценската мисија на ЕУ, која ја скенираше состојбата во македонското судство, донесе соодветни констатации и предложи 30-тина предлози за надминување на крајно загрижувачката и незадоволителна состојба во македонското судство. И покрај тоа работите не се подобрија ниту за јота, милиметар – ни малку.

Оваа оценка се потврдува со Состојбите во Судскиот совет и Советот на обвинители, кои секојдневно продуцираат афери, во смисла на коруптивни судии, судии кои трупаат функции и сакаат моќ (Наќе Георгиев, Лазар Нанев, Пајазит Пајазити, Лорета Георгиева, “сивата еминенција“ во судскиот совет и содружничка на Наќе Георгиев, и секако неизбежната Добрила Кацарска, која осуди 16 лица за кривично дело што не го извршиле и им определи над 210 години казна затвор, што е рамно на најголем светски судски срам од/во Македонија) и обвинители и членови на Совет на обвинители (“специјалната“ Катица и нејзините “ангели“, добро распоредени по обвинителствата, Вилма Рускоска, Лиле Стефанова – “специјалист“ за спогодби со крупни криминални профили, и овозможувач на “затворски туризам“, Иџет Мемети, специјалист за влијание врз судии, републички обвинители, Љупчо Коцевски, на непрофесионален начин се пресметува со Мустафа Хајрулахи, обвинител и шеф на Вишото јавно обвинителство).

Сите нив ги создадоа СДСМ и ДУИ и заедно го урнисаа (засрамија и понижија) македонското судство, и сега, според нив, нормално некој друг е крив. Демек тие не се виновни, па прстот, без ни малку срам и перде, го вперуваат во сегашната власт, кон ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Покажуваат дека не знаат што е одговорност (дисциплинска, материјална, политичка, кривична, морална), и дека во нивниот вокабулар, во нивната работа и воопшто во нивните животи отсуствуваат моралот и етиката. Да, во таква состојба ги фаќа страв, од голем страв се обземени, во тотален хаос се, и неосновано (без факти и аргументи) ја напаѓаат секоја изјава на Премиерот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски. Небаре, тој за се им е крив. А фактите се дека тој и ВМРО-ДПМНЕ 7 години беа во опозиција, на државно ниво за ништо не одлучуваа, не беа вклучени во донесувањето на одлуките битни за националните и државните интереси, ниту беа консултирани, ниту пак им ги прифаќаа конструктивните предлози, дадени од нив како опозиционери.

И сега кога полицијата почна, еден по еден, да ги вади коруптивните предмети на политичарите од поранешната власт, на обвинителите, судиите и полицајците, замешани во висока инстуционална корупција (полицајци, царинарници, судии, обвинители, вработени во УЈП и сл.), и на виделина излегува дека забеганите политички, судски, обвинителски и полициски елити, биле до максимум коруптивни и криминогени, на некого му станува тесно во сопствената кожа.

Тоа е вистината. Затоа, мора да има промени, изведени преку длабински реформи во судството и обвинителството. Секој кој гледа, слуша и паметно го користи сопственото рацио, нормално дека ќе ги поддржува напорите и залагањата на Премиерот Мицкоски и власта на владејачката коалиција за длабоки, сеопфатни реформи во судството, администрацијата, политичкиот и економскиот систем, вели Костов.

Мицкоски смета дека битката за реформи нема да биде лесна и кратка, но е дециден дека ќе победат во намерата македонските граѓани да добијат правда каква што заслужуваат, а не неправда од страна на опструирани послушници на минатата власт.

Најнови вести од Македонија

To top